недела, 20. септември 2020. Вести денес: 82
home Вести

„Еврометар“ анкета: Граѓаните согласни дека датум со ЕУ нема поради неспроведени реформи од Заевата влада

Мнозинството граѓани или 56,8 отсто, како главна причина за неотпочнувањето на преговори го посочуваат неспроведувањето реформи на домашен план, додека малцинството, околу една четвртина како причина ги посочуваат внатрешните случувања во Унијата.
„Еврометар“ анкета: Граѓаните согласни дека датум со ЕУ нема поради неспроведени реформи од Заевата влада

Граѓаните поддржуваат членство во Европската унија, а мнозинството од нив сметаат дека тоа е добра и корисна работа за земјата и остануваат оптимисти за добивање датум за преговори на пролет.
Ова го покажуваат најновите резултати од анкетното истражување ЕВРОМЕТАР за мислењето на граѓаните за прашања поврзани со евроинтеграциите и довербата во институциите во организација на Центарот за европски стратегии ЕВРОТИНК.

Мнозинството граѓани или 56,8 отсто, како главна причина за неотпочнувањето на преговори го посочуваат неспроведувањето реформи на домашен план, додека малцинството, околу една четвртина како причина ги посочуваат внатрешните случувања во Унијата.

Она што е карактеристично за разлика од претходните анкети, е дека за неполни два месеци драстично е зголемен процентот на граѓани кои односот на ЕУ кон земјава го оценуваат како „нефер, надмен и уценувачки”, што се должи на чувството на изневереност на очекувањата. Овој процент бил 30,3 во октомври, а на крајот на ноември оваа година е зголемен на 44,4 отсто.
ЕВРОТИНК оцени дека доколку продолжи овој тренд, тоа ќе влијае врз перцепцијата на граѓаните врз ЕУ, а со тоа и на поддршката.

Анкетата покажува дека секој петти граѓанин верува дека Македонија нема пријатели во меѓународната заедница, а според граѓаните најголемите „закани” за земјава доаѓаат од соседството.
На прашањето која држава или меѓународна организација е најголем пријател на Македонија, 18,3 отсто одговориле ниту една, 16,2 проценти одговориле дека најголем пријател е Германија, по што следуваат Србија со 11,8, САД со 9,7, Турција 7,4, ЕУ 4,8 и Русија 4,7 отсто.

На прашањето дали постои земја или меѓународна организација што претставува закана за земјава, 36,2 отсто одговориле потврдно, а на прашањето која би можело да биде таа држава или меѓународна организација, 37,1 оцениле дека тоа е Грција, 10,5 Албанија, 8,8 проценти Бугарија, 5,5 отсто Русија, 5,2 проценти САД, 4,7 отсто Косово и 2,5 проценти ЕУ.

Анкетата го опфати и прашањето за доверба на граѓаните во институциите, при што граѓаните најголема доверба имаат во војската со 52 отсто, по што следува претседателот на државата со 44,9 проценти, граѓанските организации со 34,7 отсто и Владата со 32 проценти. Најниска е довербата на граѓаните во правосудството и во политичките партии, при што 71 процент немаат доверба во правосудството.

Во однос на тоа дали членството на земјава во ЕУ би била корисна работа, 67 отсто одговориле „да”, а сличен процент е и за поддршката на членството во НАТО.

Од анкетираните граѓани, 36,4 отсто сметаат дека земјава може да очекува влез во ЕУ во наредните пет години, додека 67,9 отсто се на мислење дека државава ќе влезе во Унијата во следните 10 години.

Коронавирус