АД ЕСМ категорично ја демантира лажната вест дека во термоелектраните за производство на електрична енергија во Битола и во Кичево се гори отпад, како што е наведено во текстот со наслов ,,Дневно во Македонија влегуваат до 10 шлепери со ѓубре увезено од Италија?!, објавен на 6.10.2019г на Вашиот медиум.
Наведениот текст е целосно невистинит и содржи лажни информации за нашата компанија, со кои се нарушува угледот на најголемиот производител на електрична енергија во државата, АД Електрани на Северна Македонија, а исто така се вознемирува населението, особено жителите во близина на нашите производни капацитети.
Ве информираме дека сите заинтересирани граѓани, новинари, невладини организации и сите засегнати страни можат да ги посетат термоелектраните во Битола и Кичево, да го видат процесот на производство на електрична енергија и да консултираат експерти, како на АД ЕСМ, така и надворешни, кои ќе потврдат дека во термоелектраните не е возможно да се согорува и не се согорува ништо друго освен јаглен.
Од тие причини, бараме ВЕДНАШ да ја повлечете лажната вест објавена во Вашиот медиум и да објавите точни и проверени податоци на темата, со цел јавноста да биде информирана, а не да биде дезинформирана преку неосновани напади на стопански субјекти.
Бараме овој демант да биде објавен на Вашиот медиум на истото место, во истиот формат и во истото временско задржување на насловната страна како и текстот на кој се однесува демантот, согласно Уставот чл.16, Законот за медиуми, Законот за граѓанска одговорност и клевета и Кодексот за етика на новинарите.
интегрален текстот од демантот на ЕСМ