сабота, 10. април 2021. Вести денес: 89
home Вести

ЕСКАЛИРА СИТУАЦИЈАТА ВО ГРАДИНКИТЕ – во градинката „Пролет“ триесетина деца во изолација, позитивни четири негувателки

ЕСКАЛИРА СИТУАЦИЈАТА ВО ГРАДИНКИТЕ – во градинката „Пролет“ триесетина деца во изолација, позитивни четири негувателки

Ситуацијата во градинските буквално ескалира.

Секојдневно се зголемува бројот на ново заразени негувателки и воспитувачки, како и бројот на деца кои мора да одат во двонеделна изолација.

КУРИР дознава дека во клонот Сончогледи кој се наоѓа во Влае и е под градинката „Пролет“ има четири позитивни на коронавирус вработени негувателки.

Освен тоа во изолација се и околу 30-тина дечиња кои биле во контакт со заразениот персонал.

Додека ситуацијата буквално ескалира, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска изјави дека пикот бил во месец ноември и истиот поминал.

-Состојбата со пандемијата предизвикана од КОВИД-19 во градинките е стабилна и нема екстремно покачување на бројките, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Таа информира дека во моментов има 59 нови позитивни вработени и 11 деца.

Инаку неодамна десетина вработени во клановите во градинката „Детска радост“ во Гевгелија која згрижува околу 500-тини деца беа исто така позитивни на вирусот.

И додека Владата денеска донесе нови мерки и затворање на угостителските објекти, зголемување на полицискиот час, вработените во градинките стравуваат за нивното здравје особено што се изложени на работа со десетици и десетици родители на деца.

Родителите загрижено реагираат: Не знаеме колку децата ни се безбедни во градинките

Ситуацијата со корона вирусот и понатаму е се повеќе загрижувачка. Како што може да се увиди од информациите кои ги соопштуваат стручните лица овој вирус сега удира по најмладите. По сето ова кај голем број на родителите се појавија нејасностии за тоа колку сега се безбедни градинките и дали се почитуваат протоколите.

-Јас сум родител на четиригодишно девојче. Секојдневно слушаме по телевизија како овој вид на корона вирус се шири кај децата и ме интересира колку сега се безбедни градинките, дали се почитуваат протоколите и така натаму, праша мајка на фб група каде секојдневно се споделуваат искуства на родители кои децата им одат во градинка.

Но токму по ваквите групи можат да се забележат најразлични одговори, искуства за тоа како функционираат градинките за време на пандемијата.

-Имам 3 годишен син кој оди во градинка. Јас и мојот сопруг сме на работа и мојот син нема кој да го чува. Моето искуство говори дека децата кои одат во градинка не се доволно заштитени. Бевме две недели во изолација затоа што двете учителки на мојот син беа позитивни на вирусот. Откако учителките излегоа позитивни на вирусот неколку деца од групата беа исто така позитивни, а неколку деца не, вели друга мајка во истите тие групи.

Додека сетова се случува по градинките, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во неколку нејзини изјави тврди дека состојбата во градинките е стабилна и нема простор за паника.

-Состојбата во градинките е стабилна. Заедно со министертсвото за здравство будно го следиме бројот на заразени и засега нема простор за паника, изјави министерката Шахпаска.

По сето ова може да се заклучи дека иако министерката Шахпаска убедува дека состојбата во градинките е безбедна, сепак во реалноста не е така и кај голем број на родители се појавуваат нејасностии за тоа колку здравјето на децата е безбедно во градинките.

Коронавирус