среда, 28. септември 2022. Вести денес: 0
home Вести

Ердоган: Ние први го признавме уставното име на Македонија и од ова не мрдаме ни лево, ни десно!

Македонскиот претседател изрази благодарност за принципиелниот став на Република Турција за решавање на билатералниот спор, кој Република Грција го има со Република Македонија, за уставното име.
Ердоган: Ние први го признавме уставното име на Македонија и од ова не мрдаме ни лево, ни десно!

„Ние сме први што го признавме уставното име на Република Македонија. Она што го мислевме тогаш, го мислиме и сега. Ние не мрдаме ни лево ни десно. Турција во дипломатијата никогаш не се однесува двострано. Ние откако сме донеле своја одлука, ние умираме, но не се враќаме назад“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по синоќешната средба со претседателот Ѓорге Иванов во Анкара.

Тој истакна и дека покрај признавањето на уставното име на Македонија и името на нацијата, Турција била првата земја што испратила свој амбасадор во Македонија.

Турскиот претседател Ердоган ја повтори поддршката на Турција за интеграција на Македонија во НАТО, а го реафирмираше и принципиелниот став во однос на употребата на уставното име на Република Македонија.

Иванов, кој престојува во официјална посета на Турција, се заблагодари за долгогодишната принципиелна и безрезервна поддршка и особено за начинот на кој Турција ја поддржува Македонија на патот кон полноправно членство во НАТО.

Македонскиот претседател изрази благодарност за принципиелниот став на Република Турција за решавање на билатералниот спор, кој Република Грција го има со Република Македонија, за уставното име.

„Во 21-от век, недозволиво е сувереното право на самоопределување на една држава, гарантирано со Повелбата на Обединетите Нации, да биде оспорувано од која било друга држава.  Разликата околу името треба да се решава во рамките на ООН и во рамката дефинирана со Повелбата на Обединетите нации, резолуциите на Советот за безбедност на ОН, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011. Задирањето во прашања, како што е идентитетот, јазикот и Уставот на Република Македонија, не придонесува, туку напротив го отежнува процесот за изнаоѓање на решение. Ме радува фактот што Претседателот Ердоган и при оваа посета искажа целосно разбирање за нашите ставови по однос на оваа тема и стои на македонска страна“, рече Иванов на прес-конференцијата со турскиот претседател Ердоган.

Коронавирус