недела, 17. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Епидемијата со Ковид-19 негативно влијае врз раното дијагностицирање на ХИВ

Епидемијата со Ковид-19 негативно влијае врз раното дијагностицирање на ХИВ

Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ во која се вклучени повеќе здруженија денеска по повод 1 декември, Светски ден на борба против Сида, информира дека и во услови на криза, граѓанските организации низ државата секојдневно спроведуваат теренски и стационарни услуги за превенција, тестирање и поддршка поврзана со ХИВ помеѓу клучните популации, предвидени со програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција.

Покрај справувањето со ХИВ, како што се посочува, организациите прават и дополнителни напори за да ја стават постојната инфраструктура за ХИВ во функција на справувањето со Ковид-19, и тоа преку задолжително информирање на корисниците за превенцијата и заштитата од Ковид-19 и поддршка во искористувањето на постоечките владини мерки, обезбедување и дистрибуција на заштитна опрема за корисниците на услугите, доставување на редовна терапија за ХИВ до пациентите од другите градови, во соработка со Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, за да се избегне непотребно патување до Скопје на оваа група пациенти, кои се под поголем ризик, обезбедување симптоматска терапија за корисниците за дрога, како и заштитна опрема и материјали, материјална помош во вид на храна, хигиенски производи, суплементи, лекови и облека за сексуални работнички, бремени жени и новороденчиња.

Дополнително, преку меѓународна поддршка, Платформата е во процес на обезбедување донација од 10000 брзи тестови за Ковид-19, наменета за клучните популации.

Оваа година, околу 30 отсто од новооткриените случаи на ХИВ се откриени преку услугите од граѓанскиот сектор. Сепак, сè уште загрижува нискиот број на откриени случаи годинава, што е двојно помал од претходната година, што укажува дека епидемијата со Ковид-19 негативно влијае врз раното дијагностицирање на ХИВ, што е клучно за успешното справување со ХИВ и за остварувањето на глобалната цел за ставање крај на епидемијата до 2030 година. Луѓето кои живеат со ХИВ и редовно примаат терапија, имаат недетектабилно ниво на вирусот во крвта, односно вирусот во крвта е намален до степен што не може да се детектира, со што целосно се спречува преносот на ХИВ по сексуален пат, дури и кога не се користи заштита. Терапијата за ХИВ, всушност, претставува еден од најефективните начини на превенција на ХИВ, потенцираат од Платформата.

За да се одржи континуитет на услугите за ХИВ, од Платформата очекуваат Владата што побрзо да ги предложи до Собранието измените на Законот за здравствена заштита, со кои ќе се препознаат граѓанските организации како даватели на услуги од областа на јавното здравје. (МИА)

Коронавирус