петок, 28. февруари 2020. Вести денес: 2
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Вести

Експертите едногласни: Законот за обвинителство на СДСМ е лош, камуфлирачки и дилетантски

Експертите едногласни: Законот за обвинителство на СДСМ е лош, камуфлирачки и дилетантски

Во Собранието вчера на седница на Комисијата за политички систем започна јавната расправа за законот за јавно обвинителство.

Универзитетската професорка по уставно право Гордана Силјановска Давкова на денешната јавна расправа за Законот за Јавно обвинителство посочи дека член 109, став 1 и став 2 е потребно да се корегираат бидејќи директно се мешаат во Советот на јавни обвинители.

Член 109 апсолутно и став 1 и став 2 не им е место во Законот за јавно обвинителство, зошто значи директно мешање на законот во работата на советот на јавни обвинители. Имено во рок од 30 дена од влегувањето на сила на овој закон се вели дека Основно јавно обвинителство ќе донесе одлука за зголемување на бројот на јавни обвинители за гонење на висок криминал, не може закон тоа да надреди, тоа е нивна работа врз основа увидот на јавните обвинители и мислам дека ова не е страшно да се корегира. И втората се вели дека во рок од 15 дена од донесувањето на одлуката од ставот 1, Советот на јавни обвинители ќе распише оглас, ниту ова не може во овој закон да го пишува, бидејќи не е работа на овој закон, изјави Силјановска Давкова.

Професор Давитковски до власта: Има ли капетан на овој брод? Очигледно е непознавањето на системските закони и уставната поделба на власта

Професорот Борче Давитковски кој е експерт за административно право и јавна администрација, го искритикува предлог текстот на законот доставен до парламентот. Со овој закон владата сака сите високи функционери во админситрацијата да се бираат од страна на мешана комисија во Собранието, што според експертите е мешање на извршната и законодавната власт, поделени согласно уставот.

Концептуално овде Собранието нема што да се меша. Собранието е политички контролор на извршната власт и таа функција треба да си ја задржи. Во законот за вработени во јавен сектор, во законот за административни службеници, во закон за јавни претпријатија, закон за установи на пример има менаџерски договори, ако директорот не ги исполнува условите едноставно ќе го разрешите, а не да направиме цело театро како што беше изборот на ДКСК од кое произлезе многу промет, а ќарот многу мал, рече Давитковски.

Тој им порача на пратениците со дигнитет да го вратат овој закон и да му речат на министерство во рамките на постоечките закони да си го реши овој проблем.

Да не кажувам дека има толку небулозни одредби, каде имаме човек од ЗЕЛС, а не се применува на локална самоуправа и на град Скопје. Дали има капетан на овој брод. Ве прашувам како може директор да одговара дисциплински , пред кого, пред собраниска комисија?- истакна професорот Борче Давитковски

Давитковски посочи дека се работи за очигледно непознавање на постоечките системски закони. Извршната власт треба да ги решава овие работи, а не законодавната да и помага. Според него овој закон не може да се нарече реформски закон, затоа што реформските закони се носат на почеток, а не на крај на мандат. Ваквиот закон, според професорот, треба веднаш да се повлече.

Колевски: Законот навлегува во овластувањата на обвинителите и сoздава правни празнини

Претседателот на Советот на јавните обвинители Ацо Колевски укажа на низа недоследности, навлегување во овластувањата на обвинителите и создавањето на правни празнини.

Тој вели дека спорна е одредбата од член 108 став 3 од Предлог законот за јавно обвинителство кој исто така предходно не била дел во овој текст.

-Според мене право е на Државниот Јавниот обвинител да определи кој јавен обвинител кој предмети најуспешно ќе ги заврши, според новиот предлог на законот вакви ингеренции има и Јавниот обвинител на основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и коорупција. Со оваа одредба се навлегува во доменот на нивните овластувања, од теоретски аспект, во правото на Државниот јавен обвинител и на Јавниот обвинител на обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и од тие причини сметам дек аи оваа одредба не треба да биде предмет на регулација, вели Колевски.

Тој истакна дека во однос на член 94 став 1 од предлог законот се предвидува дека Советот на јавни обвинители може да донесе одлука со жалба на странките, односно одлука против одлуката за предлогот за разрешување донесен од страна на комисијата од член 93 став2.

Колевски вели дека проблемот се јавува кога против одлуката на комисијата од член 93 став 2, не е поднесена жалба. Кога е поднесена жалба членот 94 став 1 го регулира ова и кога е поднесена жалба само Советот може да донесе одлука за разрешување, но кога не е поднесена Советот нема правна можност да донесе своја одлука.

Со ова се доведуваме до ситуација на правни празнини кои можат да доведат до комплицирани ситуации, вели Колевски.

Кaракамишева за Законот за ЈО: Пред нас е своевидна камуфлажа на балканските решенија кои се кријат зад европски стандарди!

Свои забелешки на предлогот на законот за јавното обвинителство на јавната дискусија организирана во Собранието на Македонија изложи и проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска, професор по Уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Се добива впечаток дека законите се буткаат на мускули, за нив се дискутира во затворени политички кругови при што речиси без исклучок исходот од таквите затворени средби во јавноста се презентира како да е постигнат општествен и политички консензус за законите што не е точно, посочи Каракамишева-Јовановска.

Во продолжение ги изложуваме нејзините детално образложени забелешки и силни аргументи на контрадикторниот и недоработен закон за ЈО:

„Сосема е сигурно дека законот за јавното обвинителство, исто како и оној за судството, е закон од поширок јавен интерес.

И покрај неговото значење зачудува фактот што оваа содржина на предлог законот не е доставен до Венецијанската комисија со цел да се добие итно мислење за неговата усогласеност со европските стандарди имајќи предвид дека итното мислење е можна варијанта согласно најновите измени во Статутот на Комисијата.

Но за тоа да се случи потребна е политичка волја на власта.

Овој предлог закон очигледно е дека претставува компилација на одредби од важечкиот закон за јавното обвинителство, во него се ученички вметнати препораките што Венецијанската комисија ги има дадено за законот од 2007 година, плус предлагачот дополнително ја искористил или ја злоупотребил реформската потреба за подобрување на квалитетот на работата на ЈО и ги вметнал одредбите за вдомување на кадрите и надлежностите од неуставното СЈО.

Одредбите за барање начин како да се вдомат кадрите и надлежностите од СЈО не се препораки на Венецијанската комисија. Оттука, новата компилација е вид имитација на реформски акт.

Сакам да напоменам дека препораките од ВК кои се применети во овој предлог на закон важеле за законот од 2007 година, а не за оваа компилација од предлог закон.

Предлог законот кој е пред нас е всушност своевидна камуфлажа на балканските решенија кои се кријат зад европските стандарди, и тоа мора јасно и гласно да се каже.

Оваа состојба ми наликува на девојка која во 2007 година одлично и стоела одредена облека, но по 13 години голема е веројатноста дека таа облека повеќе нема да и прилега на жената која се оформила по 13 години.

Или со други зборови, препораките на ВК се однесувале на девојката пред 13 години, но не и на оформената жена по 13 години.

Второ, кога сме кај почитување на правото, ме интересира дали за овој предлог на закон е испочитуван Деловникот на Собранието, односно дали овој предлог на закон е офиццијално доставен до Собранието?

Со оглед дека поднесувањето на предлогот на законот е клучен момент за да започне законодавната постапка ова е важно претходно прашање кое е поврзаноо и со одржувањето на јавната дискусија.

Познато е дека за да има јавна дискусија предлогот на законот требал да помине прво читање во законодавно-правната комисија како матично работно тело.

Седница на Собранието за прво читање на предлог на закон се одржува во рок од десет работни дена од денот на донесувањето на решението за свикување на седницата, но не подолго од 20 работни дена од денот на доставувањето на предлогот на законот до пратениците.

Според член 144 од Деловникот, по општата расправа Собранието одлучува дали предлогот на законот може да се даде на второ читање.

Ако Собранието одлучи дека предлогот на законот е прифатлив и може да се даде на натамошно читање се продолжува со законодавната постапка.

Според член 145 за предлогот на закон кој е од поширок интерес, Собранието по општата расправа, може да одлучи по тој закон да се спроведе јавна дискусија и да определи матично работно тело што ќе ја организира јавната дискусија.

Прашањето ми е зошто не е почитувана деловничката процедура?

Трето, во 2015 година Собранието донесе неуставен Закон за СЈО.

И покрај предупредувањата на експертската јавност дека законот е спротивен на уставното начело на единственост на органот и неговата хиерархија, дека воспоставувањето на СЈО во системот ќе доведе до паралелизам во јавнообвинителската организација и функција, тогашната власт и опозиција останаа глуви на овие предупредувања.

Мицкоски со девет забелешки за Законот за Јавно обвинителство

Хибридниот режим на Заев турка Закон за обвинителство, за амнестија на криминалот и неправдите, тоа за нас е неприфатливо и е штетно по државата, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес конференција минатата недела.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ спровела интерна анализа и консултации со експерти од кои се изработени забелешки со цел, како што рече Мицкоски, „носење на вистински реформски закон, а не закон кој што ќе биде заштитник на криминалот и на Зоран Заев по 12-ти април“.

За деветте предлог забелешки Мицкоски рече дека се подготвени да седнат и да преговараат и тоа веднаш.

  1. Начелото на единственост на јавното обвинителство, утврдено во Уставот, не дозволува основање и укинување на „други паралелни обвинителства“ како што предлага СДСМ. Оттука, членот 24 за формирање на такви обвинителства е противуставен. Се сеќавате оние истите кои што пред неколку недели имаа уста полна за противуставен предлог сега доставуваат во неколку членови токму таков противуставен предлог.

  2. Чл. 26, став 2 не води сметка за уставното начело на двостепеност во заштитата на правата на јавните обвинители.

  3. Став 5 од членот 26 доведува до нееднаков третман на јавните обвинители. Не се јасни причините зошто Јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не можат да бидат упатени во друго јавно обвинителство.

  4. Ставот 2 го крши принципот на хиерархија кога вели дека Јавното обвинителство без согласност на ЈО при ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција не може да преземе кривично гонење или вршење на одделни работи за кои е надлежно ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција или да овласти друго ЈО со овој став повторно се прави паралелизам во ЈО слично на она како што беше со СЈО, односно ЈО е главен и највисок орган во рамките на државното јавно обвинителство само кога тоа ќе му го дозволи ЈО при ОЈО за организиран криминал?!

  5. Изборот на јавен обвинител го врши Собранието како политички орган по предлог на Владата и по прибавено позитивно мислење на Советот на јавни обвинители, па според тоа изборот е политичка проценка и одлука на одредено мнозинство во Собранието. Лицето кое би било предложено треба да е од поширока компетентната правна фела, а за таква треба да се вклучи и научната и стручната универзитетска фела, од редот на редовните професори по право кои се избрани на предмети од правосудна област. Тоа во текот на минатогодишната рунда на преговори односно минато месечните рунди на преговори веќе беше договорено но повторно се враќаат на почетната позиција. Дали од немарност, од невнимание, или воопшто некој не го ни погледнал предлог закон кој што го доставиле.

  6. Со решенијата на членовите 63 и 64, пренагласена е улогата на Советот на јавните обвинители во селекцијата на предложените кандидати преку т.н. претходно позитивно мислење за одреден кандидат за да истиот биде предложен од Владата. Односно тоа како би изгледало во пракса, Заев би нарачал, а Јовевски би испорачал. Терминот „мислење“ нема правно обврзувачка сила. Од решенијата, произлегува дека без претходно позитивно мислење, Владата нема да може да предложи кандидат и огласите да се повторуваат до бесконечност, што претставува правна замка од која нема да може да се избере нов Републички обвинител од страна на новото Собрание.

  7. Со решението кое СДСМ го предлага доаѓа до неможност новата Влада да предложи, а новото парламентарно мнозинство да го разреши Републичкиот јавен обвинител односно постојните политизирани и компромитирани решенија да бидат зацементирани во иднина. Затоа зборував и во претходната точка.

  8. Во поглед на платите, согласно член 102 јавниот обвинител од основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е привилигиран, односно неговата плата е за 5% помала од платата на државниот јавен обвинител, а платата на другите јавни обвинители е како онаа на јавен обвинител на вишото јавно обвинителство. Дополнително, членот 103 остава простор за продолжување на лошата пракса да се доделуваат додатоци како на пример: додаток за посебни услови за работа, додаток за висок ризик и додаток за доверливост, се разбира покрај високите плати на јавните обвинители во кои се вградени и горенаведените ризици. Хипокризија е да се купуваат нештата кои се нормални во вршењето на оваа функција. Практично ќе ни се повтори истото она кое што се случуваше во СЈО, овие обвинители да си делат месечни хонорари по неколку илјади евра или тоа на годишно ниво да биде неколку десетици илјади евра надвор од законот. Односно со овој закон сака да се озакони она кое што како кривично дело беше правено во рамките на СЈО кога се трошеа народните пари.

  9. Членовите во преодните и завршните одредби се противуставни и се во директна колизија со законот за кривична постапка од причина што тој закон не го познава незаконското следење на комуникациите, а уште помалку т.н. кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, па оттука невозможно е обвинителството да ги интегрира тие дела во делокругот на својот прогон, наведе Мицкоски.

На крајот од прес-коференцијата Мицкоски рече дека нивните забелешки ќе ги достават и доколку власта е вистински подготвена да се откаже од своевидна амнестија подготвени се да седнат и да преговараат.