вторник, 17. септември 2019. Вести денес: 6
home Вести

ЕК: Трошењето на јавните финансии, долгот и сивата економија се главни кочничари

ЕК: Трошењето на јавните финансии, долгот и сивата економија се главни кочничари

Државата да внимава како ги троши јавните пари, да ги реализира капиталните инвестиции, да се бори со сивата економија и да ја реформира администрацијата – ова се клучните забелешки во последниот извештај на Европската Комисија, анализира телевизија Алфа.

Европа нотира дека структурата на трошењата е влошена и на Владата и треба поамбициозна фискална консолидација за да ги стави јавните финансии на одржлив пат. Сепак презела одредени мерки и ги усвоила реформите во оданочување на приходите и пензискиот систем. Европа смета дека функционирањето на пазарот на трудот е нарушено со постојани структурни проблеми. Работниците немаат вештини кои ги бара бизнисот, што е показател на недостатоците во наставните програми. Според комисијата, тоа резултира со нарушена продуктивност и слаба конкурентност на економијата. Главни проблеми за бизнисот остануваат сивата економија и спроведувањето на договорите. Пред излегувањето на извештајот, вицепремиерот Анѓушев рече дека очекува генерално позитивни оценки.

Економскиот раст продолжил по една година стагнација, иако инвестициите биле недоволни. Комисијата го потенцира јазот меѓу потребните, а нереализирани проекти во јавната инфраструктура.
Земјава, според извештајот, е само умерено подготвена со реформите во јавниот сектор. Комисијата смета дека Владата треба да спречи поголема политизација на јавната администрација и да ги почитува принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност во јавниот сектор. Има напредок во усвојување стратегија за реформи, јавни консултации и поголема транспарентност во креирањето политики и во областа на развој и координирање на политиките.

Во делот на усогласување со европското законодавство, земјава е во рана фаза на подготовка во делот на слободно движење на работници, како и во финансиските и буџетски одредби. Комисијата смета дека земјава е подготвена во областите како конкуренција, јавни набавки, транспорт и енергија и има добро ниво на подготовка кај законот за трговски друштва, царинска унија, трансевропски мрежи, наука и истражување. Според Европската Комисија, земјава имала напредок и е умерено подготвена да се справи со конкуренцијата и пазарните сили во унијата.