вторник, 11. мај 2021. Вести денес: 56
home Вести

ЕК: Добра регионална соработка, неопходно итно решавање на прашањето за името

ЕК: Добра регионална соработка, неопходно итно решавање на прашањето за името

Македонија одржува добри односи со другите држави во регионот и активно учествува во регионалните иницијативи. Направени се значајни чекори за подобрување на добрососедските односи, особено со склучувањето на билатералниот Договор за добрососедство со Бугарија и градењето доверба со Грција, оценува ЕК во најновиот извештај за напредокот на земјата.

Во делот од извештајот за регионалната соработка, се неведува дека односите со Бугарија се подобрија со доаѓањето на новата Влада. Беше потпишан Договор за добрососедство меѓу двете земји што резултираше со склучување серија билатерални спогодби. Во ноември 2017 беше одржана и заедничка седница на владите на двете земји во Струмица.

Односите со Грција се подобрија, особено во втората половина на 2017 година. Формалните разговори за прашањето за името беа обновени во декември лани. Неопходно е итно решавање на прашањето за името. Разговорите за ова прашање што се водат со посредство на ОН се интензивираат. Конструктивните дискусии меѓу премиерите и министрите за надворешни работи на двете земји влијаат позитивно за подобрување на меѓусебната доверба. Министрите за надворешни работи на двете земји имаа повеќе билатерални средби. Премиерот Заев го посети Солун и се сретна со градоначалникот, а продолжија и конструктивните разговори за имплементација на мерките за градење доверба. Изјавите на двајцата премиери во јануари годинава, преименувањето на аеродромот во Скопје и на автопатот, беа конкретни знаци за зајакнување на меѓусебната доверба. Тоа беше проследено и со деблокирање на втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и приклучувањето на Македонија во Стратегијата на ЕУ за Јадранскиот и Јонскиот регион. Економските и трговските односи меѓу двете земји продолжија да се одвиваат нормално, наведува ЕК.

Билатералните односи со Албанија се интензивирани по изборот на новата Влада. Одржана е заедничка меѓувладина седница и потпишани се повеќе билатерални договори за подобрување на соработката.

Односите со Косово продолжуваат да се развиваат. Премиерот Зоран Заев ја посети Приштина во декември лани. Потпишан е договор за отворање нов граничен премин и договорено е одржување меѓувладина седница. Имаше одредени тензии по одлуките поврзани за учеството на косовски државјани во настаните во Куманово во 2015 година.

Односите со Србија се генерално добри. Имаше спорадични тензии, но тие беа брзо надминати. Премиерот Заев го посети Белград во ноември 2017, се вели во извештајот на ЕК.

(Миа)

Коронавирус