понеделник, 14. јуни 2021. Вести денес: 145
home Вести

Едвај сврзуваат крај со крај, а сметките за струја ги оставија без денар: Граѓани со сведоштва за КУРИР- штедат, а плаќаат двојно повеќе

Едвај сврзуваат крај со крај, а сметките за струја ги оставија без денар: Граѓани со сведоштва за КУРИР- штедат, а плаќаат двојно повеќе

По парламентарните избори кои што се случија во 2020 година и по повторното доаѓање на СДСМ на власт, се донесе одлука за поскапување на електричната енергија за граѓаните на Република Македонија за цели 7,4 отсто.

Одлуката ја соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Беслимовски кој во време на СДСМ е назначен како претседател од 26 јуни 2018 година со мандат од пет години.

Опозицијата заедно со изреволтираните граѓани многу пати излегоа на протест за да го искажат своето незадоволство, но немаше никаков одговор од надлежните за барањата на граѓаните, а тоа е поевтина струја во ек на пандемија, каде многумина ги загубија своите работни места и останаа со минимални или со никакви месечни приходи.

Изминативе два месеци граѓаните се жалат на огромни сметки за струја. Велат дека цената на последните две сметки им пристигнала двојно поголема од претходните, а притоа тврдат дека ништо не е променето во користењето на електричната енергија.

Напротив, тие посочуваат дека секогаш внимаваат на евтина струја од причина што се плашат од високите сметки. Како што велат потрошувачите, тие пробувале да исконтактираат со ЕВН, а одговор повратен не добивале или пак ако добиле одговор тој најчесто бил „Нема никаква грешка, ако сакате платете си инкасатор 3.800 денари да дојде и да провери“.

Поголем број на загрижени граѓани кои добиваат огромни сметки за струја, за кои сметаат дека се неосновани, ја контактираа редакцијата на КУРИР. Се пожалија дека виоските суми не се во можност да ги платат и тврдат дека сметките не се реални.

Дел од нивните сведоштва, како и доказите за големите сметки, КУРИР ги пренесува во продолжение:

„Сметка за струја повеќе од 3000 денари никогаш не ни пристигнала дома, а сме се грееле на термо печка во стан од 40 квадрати без изолација. Ставивме изолација, сменивме уред за греење дома, ставивме инвертер клима која никогаш не е пуштена да работи на повеќе од 20 степени. Пуштаме бојлер и машина на евтина струја, готвиме на евтина струја, за сега сметката да ни стигна дупло од тоа што плаќаме, односно 5.672 денари. Секако, сите упатени повици до ЕВН се залудни, нема никаков одговор.“

„Неколку пати сум пријавувала во ЕВН дека имам премногу високи сметки за струја, особено во текот на зимата, но дома сме на приватно греење и мислев дека поради тоа имам високи сметки за електрична енергија. Но во последните две недели од јануари, ние не бевме дома воопшто, и очекував помала сметка за електрична енергија, но добив повисока сметка за 2200 денари, па не можам да си ја објаснам. Им се јавував на ЕВН цел ден, никој не ми го одговори на телефонските повици, им пишав е-маил, не ми вратија. На крајот по 2 дена ѕвонење, госпоѓата/госпоѓицата што работи таму имаше толку некоректно однесување ми одговори буквално со овие зборови: „Што очекувате госпоѓо за четиричлено семејство колку да ви биде сметката за струја? Доколку сакате да ви дојде инкасатор, платете 3.800 денари да дојде да ви го прочита броилото“. Веднаш ми ја спушти слушалката, не успав ни да и кажам дека ние дома живееме ДВАЈЦА. Во време на пандемија, со две минимални плати од 14.500 денари кога одвај крај со крај сврзуваме, нас ни пристигнува сметка од 22.076 денари. Ова не е прв пат вака јас да пробувам да ги добијам а никој да не одговори. Исто така пред некој месец, ЕВН ја исклучија нашата електрчна енергија наместо на нашиот сосед.“

„Сметките за струја изминативе два месеци ми се колку цела моја плата. Прво, морам да ви кажам дека штедам. Само греење, на клима, уклучувам во текот на денот. Готвам, перам и пеглам после 22 часот, на евтина струја. Кризата нè погоди многу, сопругот ми остана без работа и бидејќи живееме со една плата, многу штедиме. Кога ми стигнаа сметките за струја останав во шок. Како може да платам над 12.000 денари? Се јавив во ЕВН, одговор не добив ништо конкретно. Ги распрашав соседите исто така имаат високи сметки во споредба со минатите години овие месеци, но не толку висока како мојата“, вели една скопјанка.

“Сметката за струја ми е 11.000 денари! Со двете деца и сопругот спиеме во една соба за да штедиме на греење. Грееме само во дневната соба со клима. Машината за перење и климата ми потрошиле 11.000 денари за еден месец? Не е можно. Оброците ги подготвувам на евтина струја, детската и спалната соба не ги загревам. Штедам, колку што е тоа можно, за со две мали деца. Ова не е нормално, ова е веќе безобразно. Ми рекоа ќе ми го разгледаат случајот, некое порамнување било, не знам што. Луѓе живеат цел месец со оваа сума на пари, а јас за сметка треба да ги дадам. Кризата нè утепа, државата ќе нè дотепа. Владата нека најде начин да им помогне на луѓето, едвај крај со крај се скрпува, уште струјата ни ја направија поскапа.“

 

Магдалена Андонова

ЕУРО 2020

Македонија