четврток, 21. јануари 2021. Вести денес: 176
home Вести

Ѕанакопулос: Посакувам целиот процес во соседната земја да има позитивен исход

Ѕанакопулос: Посакувам целиот процес во соседната земја да има позитивен исход

Посакувам, целиот процес, така како што е предвиден да има позитивен исход и за Заев, но и за Договорот и за односите на двете земји, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „247“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на ставот на македонскиот премиер дека на средината на јануари Македонија ќе ги заврши обврските, Ѕанакопулос уште еднаш објасни кои се чекорите што нашата страна треба да ги преземе, изразува надеж дека сe ќе заврши успешно и го повторува она што го кажа на завчерашниот брифинг со новинарите, дека тој лично не може да предвиди кога ќе заврши процесот кај нас.

– Јас не сум во позиција да знам кога ќе заврши процесот. Ако господинот Заев вели дека ќе се заврши на 15 јануари, немам никаква причина да го оспорам. Напротив, посакувам, целиот процес, така како што е предвиден да има позитивен исход и за него, но и за договорот и за односите на двете земји, вели Ѕанакопулос и повторува дека откако нашата земја ќе заврши со обврските на ред ќе биде грчкиот Парламент да го ратификува Договорот.

Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, изразува убеденост дека ратификацијата во Атина, ќе помине без проблеми.

– Мислам дека во овој момент е формирано мнозинство, кое, како грчка влада имаме цел да го прошириме колку е можно повеќе. Јас сум длабоко убеден дека постојат политичари, постојат пратеници во грчкиот Парламент, кои одговорно ќе заземат став, независно од партиската поставеност и ќе бидат позитивни во однос на ратификацијата на Договорот. Сепак, мислам дека во никој случај целиот процес нема да влијае на било кој начин на текот на владата, коментира Димитрис Ѕанакопулос во интервјуто за грчкото радио, пренесе МИА.

Во однос на барањето на Независни Грци за ратификација со зголемено парламентарно мнозинство, тој вели дека во следните месеци ќе се разгледа, коалиционите партнери детално ќе разговараат и ќе најдат заемно прифатлива позиција за Владата да го заврши 4-годишниот мандат.

– Ние ќе го донесеме Договорот во Парламентот за да предложиме ратификација, како што самиот Договор ја дефинира обврската за грчката Влада. Ја имаме оваа обврска и ќе го сториме тоа, цврсто задржувајќи ги условите од Договорот, вели Ѕанакопулос во однос на тоа дали актуелната или некоја друга грчка влада ќе го донесе Договорот пред пратениците.

За ставот на опозициите во двете земји, на ВМРО-ДПМНЕ кај нас и на Нова демократија во Грција, портпаролот на грчката Влада го повторува неговото мислење дека имаат идентични позиции, дека не е возможно да имаат исти обвинувања и во исто време да велат дека и Заев и Ципрас се предавници, затоа што ако е така, тогаш немаше да постои договор.

– Значи друг е проблемот. Проблемот е што постојат политички сили и во двете земји кои не сакаат решение на проблемот, вели Ѕанакопулос и изразува надеж дека македонскиот премиер ќе може да ги создаде потребните политички услови за решавање на прашањето и за ратификација на договорот.

Коментирајќи ги истражувањата на јавното мислење во Грција во однос на постигнатото решение меѓу Македонија и Грција, Ѕанакопулос вели дека тие се контрадикторни и смета дека Договорот меѓу двете соседни земји нема да влијае врз начинот на кој ќе гласаат Грците на следните избори.

– Едни истражувања покажуваат дека не постои влијание на македонското прашање врз начинот на кој се одредува гласањето. Други покажуваат дека има влијание. Моето мислење е дека колку повеќе се оддалечуваме од тензиите предизвикани од различни маргинални елементи во изминатиот период, влијанието на овој голем, меѓу другото, политички факт, врз гласањето на грчките граѓани нема да има одлучувачко значење. Напротив, мислам дека грчките граѓани ќе гласаат врз основа на главниот критериум за тоа кој може да ја одведе земјата во пост- меморандумски период, кој може да го обезбеди лидерското присуство на Балканот. И токму во овие рамки, сметам дека договорот со ПЈРМ, ќе има позитивен ефект во поддршката на актуелната грчка Влада, вели Ѕанакопулос, пренесе МИА.

Коронавирус