вторник, 20. октомври 2020. Вести денес: 8
home Вести

Ѕанакопулос: Македонија не е само грчка

Ѕанакопулос: Македонија не е само грчка

Врз основа на меѓународните договори, географската област Македонија не ѝ припаѓа исклучиво на Грција, вели портпаролот на грчката Влада во интервју за државната телевизија ЕРТ.

Коментирајќи го протестот и слоганите пред два дена на плоштадот Синтагма дека Македонија е грчка, Димитрис Ѕанакопулос вели дека Македонија како географска област припаѓа на различни држави, јавува дописникот на МИА од Атина.

– Многу добро знаете дека врз база на меѓународните договори, географскиот регион на Македонија не ѝ припаѓа  исклучиво на Грција. 51 отсто од Македонија ѝ припаѓа на Грција, околу 30 проценти на Бугарија, останатиот дел ѝ припаѓа на ПЈРМ и еден процент припаѓа на Албанија. Затоа, ако преминеме на суштината на разговорот, гледаме дека географската област на Македонија во моментов им припаѓа на различни нации-држави и оваа реалност не може да не ја земе предвид грчката надворешна политика, рече Ѕанакопулос, на прашањето дали слоганите „Македонија е грчка“ влијаат на преговорите.

Во однос на македонскиот идентитет, портпаролот на грчката влада вели дека сите народи имаат идентитет и „ниеден народ не може да лиши друг народ од неговиот идентитет“. По инсистирање на новинарот дали станува збор за Македонци, Ѕанакопулос објаснува дека во соседната земја постојат различни етнички групи.

– Тие сметаат дека нивниот национален идентитет е тој што е. Но, исто така, да ве потсетам дека во ПЈРМ постојат и комплетно различни етнички групи, постојат Албанци, постојат луѓе кои се самоопределуваат како Славомакедонци, постојат и Грци, постојат, ако не грешам и Бугари, објасни Димитрис Ѕанакопулос за ЕРТ, пренесува МИА.

Портпаролот на грчката влада, уште еднаш повтори дека Атина бара сложено ерга омнес име, што значи име и за внатрешна и за надворешна употреба, нешто што „ако се толкува, води до заклучокот дека не може да постои договор, без промена на уставното име, а за да има промена на уставното име потребна е уставна ревизија“.

Ѕанакопулос објасни дека постојат две главни причини зошто Грција смета дека треба да се реши проблемот. Првата е дека нема причина во веќе дестабилизиран регион како што е Балканот, Атина да придонесе за дополнителна дестабилизација, додека пак втората причина е фактот што Македонија веќе ја имаат признаено над 100 земји под уставното име и опасноста во иднина ова име да го прифатат и ОН.

Во однос на можноста за распишување референдум за името во Грција, портпаролот на грчката влада, ја отфрла идејата велејќи дека не постои причина или аргумент за такво нешто.

– Фактот што ние ќе признаеме друга држава со сложено име, не знам што би требало да се постави на референдум, објаснува Ѕанакопулос.

Портпаролот на грчката влада, откри дека на следниот НАТО самит во јули, Грција ќе ја претставува премиерот Алексис Ципрас.

Коронавирус