петок, 24. септември 2021. Вести денес: 78
home Вести

Џафери со честитка до верниците за Курбан Бајрам

Џафери со честитка до верниците за Курбан Бајрам
МИА

Претседателот на Собранието, Талата Џафери на припадниците од исламската вероисповед им го честита големиот муслимански празник, Курбан Бајрам, празникот на солидарноста, добродетелството, на чистите срца и мисли.

-Овој празник, како и сите други празници воопшто, се денови кои создаваат едно поинакво чувство кај луѓето, поттикнуваат искрени насмевки и радост и топлина во срцето. Се собираат членовите на семејството раштркани насекаде низ светот, се споделуваат убави вести, меѓутоа и тажни вести. Тоа се прилики во кои се потсетуваме на сите оние кои не се повеќе физички помеѓу нас, меѓутоа за кои споменот го чуваме засекогаш. Животот е чудо само по себе, меѓутоа, знае и да погоди силно. Ете, токму тогаш излегува на површина големината и силата на обединувањето и заедничкото делување на луѓето, каде и да се наоѓаат. Сведоци сме на ненадоместливите загуби од КОВИД-19 во последниве две години, меѓутоа и на бројните природни несреќи, несреќи кои предизвикуваат човечки и материјални загуби. Нека биде празникот на Курбан Бајрам, со сета симболика што ја носи во себе, само уште еден потсетник за сите нас, да го цениме животот, да се цениме и почитуваме меѓусебно, во секој миг, секој ден и на секое место. Да подадеме рака на поддршка и кон блиските, и кон далечните, и кон соседот и фамилијата, кон непознатиот и непознатиот, без разлики. Пред сѐ и над сѐ, ние сме луѓе кои имаат исти потреби и желби, исти права и обврски, се вели во честитката на Џафери.

Тој им посакува на верниците празникот да го поминат во добро здравје, во мигови на среќа и семејни радости, душевен мир и благосостојба за сите.

Најнови вести

Коронавирус