вторник, 21. септември 2021. Вести денес: 161
home Вести

Џафери: Илинден со визионерството и вредностите живее и повторно се раѓа со секој нов ден и секоја нова генерација

Џафери: Илинден со визионерството и вредностите живее и повторно се раѓа со секој нов ден и секоја нова генерација

Денешното свечено одбележување на 2 Август – Денот на Републиката кога се означуваат 118 години од Крушевската Република во 1903 година и 77 години од Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, ги претставува двата столба врз кои се темели државотворноста на земјата, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќање на манифестацијата во Скопје по повод Денот на Републиката, пред Собранието на Република Северна Македонија.

– Тоа што сме тука, а не сме во Крушево или во Пелинце или малку подолу пред споменикот на Методија Андонов Ченто не прави воопшто разлика во однос на важноста на овој празник, во однос на неговата долговечност или пак во однос на тоа каде се наоѓа духот на заедништвото, храброста, визионерството, односно тоа што претставува концепт којшто ги опишува заедничките вредности кои ги славиме и ги празнуваме, вели Џафери.

Тој додава дека празникот не е поврзан со одредено место во државата, туку тој живее и повторно се раѓа со секој нов ден и секоја нова генерација.

– Нашата држава е спој на различности, каде секој уникатен дел расте и се развива врз своите корени кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите коишто живееле и биле дел од ова поднебје, вели Џафери.

Претседателот на Собранието во своето обраќање посочи дека низ годините растот и развојот на земјата не бил лесен да опстане и да се сочува мирот, како и да се зајакне безбедноста и сигурноста на границите на граѓаните и да се одржи економската стабилност.

– Република Северна Македонија колку и да е мала по територија има значајна геостратешка важност и не била надвор од глобалните случувања и доследно тие случувања се прелевале и имале влијание врз развојниот пат на државата. Меѓутоа, желбата за заедничка слободна и независна држава, држава во која почитувањето на човековите права и слободи ќе бидат подеднакво за сите граѓани без разлика на етничката, верската или која било друга припадност доведе до тоа и нашата земја да ја посочуваат како свето примарно успешна приказна во регионот, додава тој.

Надоврзувајќи се на неодамна донесената Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадата на европските интеграции, Џафери ја опиша како најдобра потврда за тоа дека има заемна почит, се води заедничка битка за одржувањето во живот на сонот на сите знајни и незнајни јунаци кои низ годините го положија најскапоценото.

– Има една константа, а тоа е дека ниту доброто, ниту лошото не бира по нација, не бира во вера, по пол, по социјален и економски статус, ниту пак бира по политичка припадност. Едноставно се случува и во еден миг сите подеднакво сме исправени пред новиот момент, а такви моменти постоеле. За тоа сведочи пишаната историја, живите сведоштва, испеаните песни и раскажаните преданија. Такви моменти на предизвици постојат и сега и верувам дека ви се познати и вам во ова необично време на пандемија која го зафати целиот свет, истакна претседателот на Собранието во своето обраќање.

Со членството во НАТО, тој истакна дека државата се движи кон вистинскиот пат и оти биле донесени тешки државни одлуки што го деблокираа патот кон евроатлантската интеграција, што овозможи политичко созревање.

– Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани, истакна Џафери.

Прославата за Денот на Републиката, во главниот град започна со положување цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, пред Споменик на АСНОМ и пред споменик на Никола Карев.

На манифестацијата присуствуваа и положија цвеќе собраниската делегација предводена од Талат Џафери, владината делегација предводена од министерот за здравство, Венко Филипче заедно со министерката за образование и наука, Мила Царовска и заменик-министерот за правда Агим Нухиу.

Цвеќе положија и претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, Сојузот на борците од НОАВМ, Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија, претставници на Народна банка на Република Северна Македонија, Македонската академија на науките и уметностите, претставници од верските заедници и претставници на дипломатскиот кор во Република Северна Македонија,

Присутни беа и делегацијата на СДСМ предводена од д-р Милена Стевановиќ, членка на извршниот одбор на СДСМ, заедно со Даниела Марковска, пратеничка на СДСМ и Саша Димитријевиќ, потпретседател на СДММ. Цвеќе положи и делегацијата на Град Скопје, предводена од членовите во Советот на Град Скопје, Анета Стојановска Стефанова, Бранко Георгиевски и Михаела Иванова. На манифестацијата присуствуваа и положија цвеќе и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Владо Мисајловски.

Програмата за Денот на Републиката во главниот град продолжи со културно-уметничка програма.

Коронавирус