среда, 28. септември 2022. Вести денес: 0
home Вести

Дуковска: Јавно барам одговор зошто не се направени сите напори да се спасат Калина и Александар

Дуковска: Јавно барам одговор зошто не се направени сите напори да се спасат Калина и Александар

Првичните информации од обдукцијата на телата на загинатите планинари покажува дека причина за настанатата смрт била хипотермија. 26-годишната Калина Велевска и 35-годишниот Александар Миновски загинаа по бурата што ги зафатила на планината Ниџе. Најверојатно, од силниот ветер паднале во дол по што на лице место починале, пишува Макфакс. Со помош на хеликоптер, 3 возила и 13 лица од службата за спасување, двете тела беа извлечени од бездната.

Планинари кои често го искачувале врвот Кајмакчалан на социјалните мрежи споделуваат фотографии на кои може да се види конфигурацијата на теренот и во летни услови.  Станува збор за тревната ливада со косина од некои 45% до самиот врв на грчката територија, каде што се движела групата, а од врвот надолу кон македонска територија има остар и непристапен терен, каде што најверојатно се пронајдени телата.

Но, планинарите кои беа пронајдени мртви на врвот Кајмакчалан имале сериозни проблеми пред да се случи трагедијата. Групата од неколку луѓе кои го искачувале врвот против себе го имале разорниот ветер од 150 километри на час и температура од минус 20 степени, што може да се забележи и на видеото објавено на социјалните мрежи.

„И самата му припаѓам на истиот круг во кој се движеле покојните планинари и ги познавам сите актери во приказнава. Ја знам и турата, бидејќи и јас сум ја одела во зимски услови. Знам и која им била програмата на целиот престој. Знам и што очекувавме сите од времето овој викенд, кој не беше за на планина, особено не саботата. Калина ми беше пријателка и никогаш нема да прежалам што не беше со мене викендот на Љуботен, како што се договаравме, туку се одлучи да оди да му се придружи на својот клуб, иако зборувавме дека нема да биде убаво времето. Ми реце: ‘Абе, во бања ќе си седам ако не чини…’ И отиде. Јас барам јавно одговор зошто не се направени сите напори да се спасат тие луѓе, кои биле оддалечени од цивилизацијата колку до врв на Водно. Групата им заминала во селото и ги оставила. Мора да имало начин да се побара помош, макар од Македонија ако Грците не сакале да помогнат, прашува револтирано планинарката Југослава Дуковска во изјава за Макфакс.

Таа вели дека е речиси сигурна дека грчката спасителна служба не потфрлила. „Ги имам видено на дело како спасуваат наш планинар и воодушевена сум. Нека ми одговори некој за ратракот, зошто не побарале да биде пуштен! Санки моторни, што било! Ќе ги нашле на тој начин. Ако побарале, нека кажат. Во консултации со други планинари слушам дека, со добра опрема, таму сепак и на такво време можеле да заминат спасители и пеш. Има начин, има опрема, требало да се постапи така, а не постапиле. Зошто???“, додава таа.

Според Дуковска, не може да се прифати дека имале контакт со Калина и Александар во 14:30 и дека ја имале информацијата дека се засолнети под карпа, а да не им кажале да излезат и да се најдат на рамниот терен, на грчка страна, каде што ратракот можел лесно да ги лоцира.

„Неприфатливо е ова!Ги имале планинарите на линија, можеле да добијат прецизни инструкции од нив каде да ги бараат. Посебно што знаеме каков е теренот за кој станува збор – замислете тревната ливада со косина од некои 45% до самиот врв, што е во Грција (по неа се движела турата), а од врвот надолу кон македонска територија има остро исечена литица за надолу (каде веројатно и ги нашле). Па, ако знаеле дека се на таков стрмен терен, тогаш само требале да дојдат до раб и да одат по него барајќи ги удолу со помош на телефонот, особено што велат дека ги имале на телефонска врска до 19 часот, кога претпоставувам им се испразнила батеријата!“, вели планинарката за Макфакс.

Според неа, изгубен е цел ден. Двајцата планинари полека умирале на студот, очајни што помошта не доаѓа.

Коронавирус