сабота, 5. декември 2020. Вести денес: 27
home Вести

Државата постапува селективно: Здравствени работници оставени сами на себе, немаат како викендов да отидат на работа

Државата постапува селективно: Здравствени работници оставени сами на себе, немаат како викендов да отидат на работа

Владата вети дека ќе обезбеди превоз за здравствените работници кои за време на полицискиот час мораат да одат на работа. Но, постапија селективно, па голем број здравствени работници се оставени самите на себе.

Министерството за здравство пред два дена информираше дека за вработените во јавно-здравствените установи во градот Скопје кои треба да бидат на своите работни места за време на забраната за движење во работните денови и за време на викендот – обезбеден е организиран автобуски превоз од страна на Јавното сообраќајно претпријатие и Градот Скопје.

Превозот за вработените за време на полицискиот час ќе биде организиран со линиите: 5а, 9, 22а, 41а и 50.

Но, Министерството за здравство и ЈСП изгледа заборавиле на голем број здравствени работници кои мораат викендов да одат на работа во здравствени установи до кои одат други автобуски линии кои нема да сообраќаат викендов кој следува.

До редакцијата на КУРИР пристигнаа поплаки од неколку вработени во здравствени установи кои објаснуваат дека тие викендов мора да се појават на дежурство, а немаат како да стигнат на работа.

Доктори и медицински сестри се оставени сами на себе. Бидејќи државата иако вети, не обебеди превоз за нив со автобуси на ЈСП им останува единствено да плаќаат дежурна такси служба.

КУРИР се обрати до Министерството за здравство, а нивниот одговор ви го пренесуваме во целост:

-Со оглед на сложеноста на состојбата предизвикана од коронавирусот и рестриктивниот начин на движење во полицискиот час, Министерството за здравство за здравствените работници обезбеди автобуски превоз. Станува збор за автобуски линии кои и редовно сообраќаат на своите траси и во оваа состојба имаат утврден возен ред. При изработката на планот кој автобуски линии ќе сообраќаат, земени се предвид повеќе приоритети, меѓукои и бројот на здравствени работници кои треба да се превезуваат. Со оглед дека се работи во криза, секоја здравствена установа треба да даде свој придонес и да учествува во организацијата за непречената работа на своите вработени.

КУРИР побара одговор и од ЈСП, но од таму до објавувањето на овој текст, немаме добиено одговор.

По завршување на полицискиот час, КУРИР ќе стапи во контакт со сите здравствени работници кои ја контактираа нашата редакција со оваа поплака за да бидеме информирани дали здравствената установа во која работат некако им помогнала да пристигнат на своите дежурства.

Во овој момент, здравствените работници во Македонија се најголеми ХЕРОИ и најмалку што заслужуваат е достоинствено да одат на работа, а потоа така и да си заминат во своите домови.

Доколку не биде преземено нешто, ќе бидат објавени надлежните установи и челниците на истите, односно сите одговорни кои можеле нешто да преземат, а ги оставиле овие вистински херои на милост и немилост, не обезбедувајќи им ниту основни услови за нивната есенцијално важна работа за добробитта на граѓаните на оваа држава.

Коронавирус