четврток, 21. октомври 2021. Вести денес: 119
home Вести

Друже Заев, дома го покажуваш ли „стапот“ вака како што го покажуваш по митинзи?

Друже Заев, дома го покажуваш ли „стапот“ вака како што го покажуваш по митинзи?

Не му е прв пат на премиерот Зоран Заев на јавна сцена да ја превитка раката преку лактот и на тој начин да си го покаже „стапот“. Не знам дали ќе му биде последен…

Го видов еднаш тој гест и се згрозив. Искрено, ама баш најискрено, се понадевав дека никогаш веќе нема да го повтори. Со текот на годините, научив дека Зоки не е искрен и простодушен каков што го запознав пред десетина години. Но сепак, не верував дека еден ден ќе падне на ова дереџе со вакви гестикулации да испраќа пораки какви што доликуваат само на простаци и на насилници.

Ги опоменувам сите оние што ќе се обидат сега „креативно“ да го толкуваат гестот на лидерот на СДСМ на митингот во најурбаната скопска општина Аеродром, за да ни објаснат дека тој не значел тоа што всушност значи, да не се трудат и да не се резилат.

Не сме вчерашни, сите многу добро знаеме што значи овој простачки гест. Патем речено, тој беше популарен пред много години (и тогаш меѓу простаците, се разбира). Тогаш бевме млади и неопитни, а од нас помладиот Заев можеби на овој начин ја импресионирал и фамозната Јелена од Горни Милановац.

Како и да е, одамна не сум видел некој вака да се однесува. Ваков гест веќе не „пали“ никаде. Освен во СДСМ.

И зарем вакво поведение му приличи на политички лидер кој за два дена ќе наполни 48 години? Човек на таа возраст би требало одамна да е ослободен од своите пубертетски и адолесцентски фрустрации, кои се „лечат“ со вакви гестикулации.

Освен тоа, има ли некој да му каже на Зорана Заев дека ова сепак е Скопје, а не Муртино? Не е Скопје некоја метропола, далеку од тоа, ама не е ни паланка или селендра во која секој може да се однесува како што ќе му прдне на умот. Скопје е „една поинаква приказна“, што би рекол Петре Шилегов. Иако сум убеден дека и муртинските домаќини би го опоменале доколку се обиде и со нив да „разговара“ на ваков начин…

Ќе се одважи ли некој да го опомене лидерот на СДСМ дека не смее вака да гестикулира кога ги клевети своите политички противници, а особено не кога клевети една жена (во случајов, Данела Арсовска), која се осмелила да биде кандидат за градоначалник? Има ли некој да го едуцира дека оваа гестиклулација, меѓу другото, е и мизогинична?

Ќе му кажат ли госпоѓите од семејството Заеви на својот сопруг, татко и роднина, дека не е убаво вака да се однесува пред луѓе? Не е убаво и дома, ама да речеме дека дома може и да му се прости. Ама на митинг?! Што ако еден ден некој друг вака си го покаже „стапот“ додека ги спомнува нивните ценети имиња? Дали Зоки ќе биде навреден и повреден?

Сите гледаме дека Заев во оваа кампања е многу напнат и егзалтиран повеќе од вообичаено. Говори на висок тон, на моменти буквално вика, колку што го држи грлото и колку што го гонат нервите. Ја разбираме нервозата, но таа не може да биде оправдување за ова недолично поведение.

Искрено се надевам дека во продолжението од кампањата тој ќе се потсмири малку и дека ќе демонстрира макар елементарно ниво на политичка култура и пристојност на говорницата. Ако му послужи за стрес-менаџментот, како мала утеха, го потсетувам на еден стар добар афоризам:

На лагата нозете ѝ се кратки, ама не се гледаат зад говорницата.

ПС. Кога човек ќе направи ваква глупост, има само еден начин да ги намали штетите. Да се извини. Ама Заев уште не чул за зборот извини. За него другите деца учеле на четвртиот час во петок…

извор: plusinfo.mk

Локални избори 2021