петок, 4. декември 2020. Вести денес: 8
home Вести

ДРАМАТИЧНО СВЕДОШТВО НА МАЈКАТА НА ПИНО- Ангела уште истата вечер била сомнителна

ДРАМАТИЧНО СВЕДОШТВО НА МАЈКАТА НА ПИНО- Ангела уште истата вечер била сомнителна

Обвинетата Ангела Ѓорѓиевска не се чувствува виновна за убиството на Пино Секондо.

„Разбрав за што сум обвинета. Не се чувствувам виновна за кривичното дело, бидејќи ништо од наведеното во обвинението не сум сторила, рече Ѓорѓиевска денеска во судницата.

Според нејзиниот адвокат, Еленко Миланов, таа е обвинета без ниту еден доказ. Тој смета дека ќе биде докажано оти Ангела немала ништо со убиството на Пино.

Младото момче Пино Секондо беше убиен на 11 декември минатата година. Ѓорѓиевска е обвинета дека во убиството му била соучесник на првообвинетиот Фуркан Али, кој е во бегство, а по него беше распишана меѓународна потерница.

Според тврдењето на Обвинителството, Ѓорѓиевска го повикала Пино, присуствувала на моментот на убиството, а потоа учествувала и во сокривање на телото. Или подетално, Обвинението гласи дека Ангела Ѓорѓиевска го повикала оштетениот, сега починатиот Пинета Секондо Пино, и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен, Фуркан Али, со возило Опел Аскона, носејќи со себе пушка. Тој го оставил неговото возило на насипот и седнал да управува со автомобилот Шкода, со кое дотаму дошол Пино. На совозачкото место седнала обвинетата Ѓоржиевска, додека Пино седнал на задното седиште. Понатаму, во обвинението се вели дека тројцата се упатиле по обиколница кон атарот на селото Арачиново, и во една нива започнале вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент осомничениот со пушката го застрелал во главата оштетениот Пинета Секондо.

А во судницата мајката на убиениот Пино, Маја Трпковска, долго раскажуваше за животот на нејзиниот сега убиен син, за тоа како дознала дека исчезнал и за целото натамошно патешествие. Интересно беше што додека таа сведочеше, обвинетата Ѓорѓиевска за цело време гледаше во неа. На ова мајката Трпковска оцени дека обвинетата ја гледа крвчнички, по што судот тоа го оквалификува како „дрско“. Ѓорѓиевска, пак, на ова праша, дали не смее да гледа.

Инаку, мајката на Пино во судот дојде како прв сведок на обвинителството. Таа раскажа дека на тој критичен ден, во декември лани, Пино не се вратил дома, а мајката не била во Македонија. Таа во земјава стигнала следниот ден, со нејзиниот помлад син. Нејзиниот сопруг бил дома, наместо да биде на работа, и тогаш и кажал дека Пино не се вратил дома претходната вечер, откако претходно излегол со некоја девојка. Таткото кога сфатил дека нешто не е во ред почнал да му ѕвони на Пино и на двата мобилни телефони што ги имал. А по одреден тајминг, и двата снемале сигнал, и тоа во исто време. Потоа родителите почнале да се јавуваат кај неговите другари. Тие, пак, им рекле дека претходниот ден Пино бил излезен со Ангела. Мајката, по неколку часа, отишла во полициската станица во Петровец за да пријави дека Пино не се вратил. А додека биле, пак, во станицата, телефонски контактирале со Ангела, која признала дека биле претходната вечер заедно со Пино, но била децидна дека тој само дошол кај неа пред зграда во Ѓорче, таму се задржал петнаесетина минути, по што си отишол.

На мајката уште тогаш и била сомнителна Ангела и не поверувала во нејзините тврдења. Потоа цели пет месеци го бараше со истражните органи, се додека во април, на ридот на селото Љуботен, беа пронајдени коски, а за нив потоа се потврди дека се на Пино. „Дента кога разбрав дека коските се на Пино, пред мојата куќа имаше преполно полиција, но кога ја видов колата од италијанската амбасада, се ми беше јасно“, низ плач зборуваше мајката на Пино.

Пино и татко му, пред да исчезне, работеле на изградба на патот Крива Паланка – Бугарија. Според мајката, Пино имал девојки во земјава, кои, според неа, биле вистински и ги носел и дома да се запознаат со семејството, и со сите нив и потоа останува другар. „А си имаше работа и со ороспиички, девојки кои излегуваа со него заради пари, да се покажат низ Скопје со големи коли“, рече Трпковска, објаснувајќи дека Ангела со Пино била за пари.

Пино, кој е роден во 1992 година, многу и недостасува на мајката. Таа вели дека Пино бил многу мирно дете, и не бил воопшто проблематичен.

Инаку, адвокатот на обвинетата, Еленко Миланов, побара како доказ да се прифатат резултатите од двете полиграфски тестирања во текот на истрагата, низ кои минала Ангела Ѓорѓиевска, но тоа барање не беше прифатено.

Извор: Фактор

Коронавирус