вторник, 26. март 2019. Вести денес: 0
home Вести

Драконски казни за обвинетите во „Титаник 2“: Одлуката на ДИК е обжалена, жалбата отфрлена, а одлуката потврдена од Управен како законски основана

Драконски казни за обвинетите во „Титаник 2“: Одлуката на ДИК е обжалена, жалбата отфрлена, а одлуката потврдена од Управен како законски основана

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков е осуден на казна затвор во траење од 3 години за предметот на СЈО „Титаник 2“. Обвинет е за делото – примање награда за противзаконито влијание.

За истиот предмет, затворска казна од 3 години и 2 месеца, за злоупотреба на службената положба и овластување, Судот му изрече на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, а поранешниот член на ДИК од редовите на таа партија, Бедредин Ибраими, според истото обвинение, доби казна затвор од 4 години и 6 месеци.

Три години затвор е пресудено и за поранешниот член на ДИК, Сашо Срцев, а исто толку ќе треба да одлежат и поранешните членови Анета Стефановска и Влатко Сајковски.

Изречените казни се драконски и неосновани.

Целиот процес за „Титаник 2“ се става под знак прашалник бидејќи во реалноста, нема дело за кое може да се суди.

Според обвинението на СЈО, односно пресудата што ја изрече денеска судијата Огнен Ставрев во Основниот суд Скопје 1, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ на штета на тогашниот кандидат за градоначалник Зоран Заев.

Државната изборна комисија тогаш донела одлука, која потоа била обжалена. Жалбата е отфрлена, а одлуката е потврдена како законска и основана од страна на Управниот суд. Сега, за ова се водеше цел процес и се пресудија драконски казни.

Не може обвинителката да бара што ќе ѝ текне, рече обвинетиот Ибраими

По барањето за определување на мерка притвор од страна на СЈО за обвинетиот Бедредин Ибраим, тој пред судот рече дека не му било дозволено да направи примопредавање на одредени документи со кои ќе покажел дека не е сторено кривично дело ниту пак некој би имал корист од сторување на такво кривично дело за кое СЈО го гони.

Овој обвинет упати жестоки критики до обвинителката Фатиме Фетаи за нејзините обвинувања дека во текот на постапката тој не го почитувал судот и обвинетиот Ибраими, иако опоменуван од судот, продолжи да прашува со што обвинителката Фетаи утврдила непочитување на судот од негова страна.

„Обвинителката е толку смела и се однесува како да се наоѓа во периодот на 40-те години, односно во времето на Југославија. Обвинителниот акт е поднесен со задоцнување од 25 дена. Не може таа да бара што ќе и текне, да ме обвинува дека не сум го почитувал судот, па дури и да бара мерка притвор. Ќе ви кажам дека Бедредин тука е роден, тука ќе остане и тука ќе умре и се надевам дека повисоките судски инстанци ќе докажат дека обвинителката не е во право, а изненаден сум и од однесувањето на судот“, рече Ибраими по барањето за притвор.

Мијалков: Наводите дека ќе бегам се шпекулации

Наводите на обвинителката Фатиме Фетаи дека тој со своето однесување и одредени околности наговестувал дека ќе се даде во бегство, Мијалков целосно ги отфрли и ги нарече шпекулации односно тврдења без никакви аргументи.

„Обвинителката тврди дека во текот на постапките со моето однесување се појавиле околности кои наговестувале дека ќе бегам, ваквите тврдења се без аргументи и на ниво на шпекулации, бидејќи со ниту еден гест не сум покажал дека ќе се дадам во бегство. Неколку пати сум кажал и пак ќе повторам дека со бегање не се решаваат проблемите. Мојот стил на живеење не е да бегам. По изречената пресуда ќе ви кажам дека ако Апелацискиот суд ја потврди казната јас ќе си ја издржам казната и тоа ќе го решиме со одење в затвор“, рече пред судот обвинетиот Мијалков.