петок, 15. октомври 2021. Вести денес: 161
Во живо

Митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Лозово

home Вести

Досега 185.450 ковид дијагностицирани, нови правила за влез во Швајцарија, Белгија и Австрија

Досега 185.450 ковид дијагностицирани, нови правила за влез во Швајцарија, Белгија и Австрија

Останува ризична состојбата со Ковид-19 во државата. Вчера беа регистрирани нови 557 случаи, а повторно најмногу активни има во главниот град. Активни се 12.984 случаи. Поради големиот број на заболени, Швајцарија, Белгија и Австрија имаат нови КОВИД-19 правила за патници кои влегуваат во нивните земји.

Како што информираше вчера Министерството за надворешни работи, нашите граѓани може слободно да патуваат во Швајцарија, но само со потврда за примени две дози од вакцина и пополнет онлајн формулар.

За тие кои патуваат во Белгија и Австрија е задолжителен карантин, освен ако се приложи доказ за извршена целосна вакцинација или за прележаност на болеста.

-За Швајцарија повеќе не е во сила забраната за влез на државјани од трети земји, вклучително и од Република Северна Македонија, заради туристички или било каков друг вид престој, но само со потврда/сертификат за примени 2 дози од вакцина. Условот за поседување на негативен тест (ПЦР или Антиген), повеќе не се прифаќа како основ за влез за оваа категорија лица, соопштија од МНР.

Белгиската Влада пак, воведува карантин за невакцинираните патници кои во Белгија ќе влегуваат од т.н. „црвените зони“, меѓу кои е и Северна Македонија.

Оние кои не се целосно вакцинирани или немаат сертификат за прележана болест, по пристигнувањето во Белгија од „црвената зона“, мора да поминат 10-дневен период на карантин. Карантинот може да се скрати ако резултатот од дополнителниот тестот на седмиот ден е негативен.

Одлуката доаѓа поради зголемениот број на нови Ковид-19 пациенти во болниците во регионот на главниот град и пошироко во Белгија.

При влез во Австрија, мора да се обезбеди еден од следните докази – доказ за вакцинација или доказ за прележан KОВИД-19, што преставува единствен начин да се избегне карантин од 10 дена, што може да биде прекинат по пет дена со нов негативен резултат на ПЦР тест.

Бројот на новозаболени во државава на дневно ниво повторно е троцифрен.

Вчера беа регистрирани нови 557 случаи на заболени од Ковид-19, од направени 3.885 тестирања. Оздравени се 572 пациенти, а починаа 28 лица. Од новите случаи, најмногу се во Скопје – 268, потоа во Куманово 39 и во Велес 29.

Бројот на новозаболени последната седмица се намалува во Кичево. Таму се зголемува бројот на оздравени и состојба е многу поповолна споредена со претходните четири или пет недели, потврди вчера Станко Трпески директорот на Општата болница Кичево.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 185 450 на оздравени пациенти е 166.099, а на починати 6 367.

Коронавирус