недела, 27. септември 2020. Вести денес: 24
home Вести

Дополнетиот предлог Буџет за 2019. пред пратениците

Дополнетиот предлог Буџет за 2019. пред пратениците

 Пратениците во Собранието денеска на 71. седница ќе расправаат за дополнетиот предлог Буџет на Република Македонија за 2019 година во второ читање.

Вкупните приходи на буџетот на Република Македонија за 2019 година се планираат на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 228,5 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи треба да резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,5 % од БДП или 17,7 милијарди денари во апсолутен износ.

Согласно амандманите кои дојдоа од владејачкото мнозинство и од опозицијата во собраниската амандманска расправа, во предлог-буџетот за 2019 година се направени дополнувања на буџетски износи во програмите за заштита на животната средина, со фокус на мерките за почист воздух, на локалната инфраструктура и на програмите за развој на планските региони, како и на зголемување на буџетската поддршка за работата на дел од министерствата, агенциите, управите и други органи на државната управа.

На дневен ред на денешната седница се и Предлог-законот за извршување на Буџетот за 2019 година, дополнетиот предлог-закон за изменување на Законот плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија во второ читање поднесен од група пратеници, како и измените и дополнувањата на законите за банките и за Управата за јавни приходи, по скратена постапка.

Треба да бидат разгледани и измените и дополнувањата на законите за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, за студентскиот стандард, за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, за пензиското и инвалидското осигурување, за заштита на културното наследство, за заштита и благосостојба на животните…сите во прво читање.

Пратениците ќе ги разгледаат Предлог-законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на набавка на нови автобуси за Град Скопје, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, по скратена постапка, Финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија за 2019 година, Предлог одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија за 2019 година, Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2017 година.

На дневен ред се и дополнетите предлози на законите за изменување и дополнување на законите за нотаријатот, за извршување, во второ читање, измените и дополнувањата на законот за Црвениот крст на Република Македонија во прво читање, измените на законите за платниот промет, за задолжителни нафтени резерви и за поштенските услуги, по скратена постапка, Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2017 година, Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на осигурителниот пазар во Република Македонија во 2017 година.

МИА

Коронавирус