вторник, 29. септември 2020. Вести денес: 168
home Вести

Доктор Чибишев со важни совети до граѓаните: Да не се земаат никакви лекови, дури ни витамини без консултација со лекар

Доктор Чибишев со важни совети до граѓаните: Да не се земаат никакви лекови, дури ни витамини без консултација со лекар

Професорот  по интерна и ургентна медицина на Факултетот за медицински науки при Универзитетот “Гоце Делчев“, во Штип, доктор Андон Чибишев, во интервју за КУРИР им дава совети на македонските граѓани за заштита од коронавирусот.

КУРИР: Како граѓаните да се заштитат од коронавирусот?

ЧИБИШЕВ: Според препораките на Светската здравствена организација и искуствата кои се пренесени од направените голем број на клинички студии, најдобра заштита е избегнување на социјалните контакти со луѓе, посебно со поголеми групи. Исто така, од големо значење е одржувањето на личната и хигиената на околината каде што живееме и работиме. Значи, миење на рацете со сапун и вода или во недостаток на сапун рацете да се дезинфицираат, да се избегнува контакт на рацете со устата, носот  или очите особено ако рацете не се чисти.

Носењето маски и ракавици имаат свое значење, меѓутоа нивната неправилна употреба може да имаат поголема штета од корист. Значи, носење маски само ако морате да контактирате со луѓе (одење во продавница, аптека и сл) и  носење на ракавици само ако работите со загаден маттеријал. После употребата ракавиците да се фрлат во корпа за ѓубре.

КУРИР: Дали е потребно посебно внимание да се посвети на тоа што јадеме и што пиеме во овој период на епидемија?

ЧИБИШЕВ: Инфекцијата со КОВИД 19, како и секоја вирусна инфекција не се лечи со антибиотици. Обично вирусните инфекции се лечат симптоматски т.е. се дават лекови според клиничката слика и симптоматологија. На пример ако има покачена температура се даваат лекови за симнување температура, ако имаме главоболка се дават аналгетици итн. Главната улога во справувањето со вирусите ја игра имунолошкиот систем. Колку поспремен имунолшки систем, толку полесно справување со болеста. Имунолошкиот  систем треба да биде во добра кондиција за да може да се избори за зачувување на здравјето и да оневозможи компликации. Антибиотици обично се даваат само ако се појават компликации кои се предизвикани од бактерии, односно при појава на т.н.суперинфекции.

Смиреноста, квалитетниот одмор, разновидна исхрана богата со витамини и минерали игра позитивна улога при справување со вирусните инфекции. Значи, балансираната исхрана со што повеќе овошје и зеленчук во исхраната, внесување доволна количина на течности  можат да го подигнат нивото на активност на имунолошкиот сиситем и со тоа да ја олеснат борбата против вирусните инфекции. Напоменувам, граѓаните да не земаат лекови на своја рака, без консултација со својот матичен лекар или специјалист.

КУРИР: Бидејќи повозрасните граѓани се најранлива категорија, може ли некој посебен совет за нив, како да се заштитат?

ЧИБИШЕВ: Мојот совет до повозрасните граѓани е едноставен, што помалку социјални контакти, помалку непотребно изложување на опасност да се инфицираат, избегнување на непотребно туркање пред институции како што се банки, пошти, продавници, автобуси, болници, амбуланти и секаде каде циркулира поголема група на луѓе, редовно земање на пропишаната терапија ако ја имаат и непревземање  никакви активности без консултација со надлежните институции.

КУРИР: Дел од граѓаните овој период на своја рака земаат лекови и витамини. Ве молиме за совет колку може да биде штетно ова што го прават? 

ЧИБИШЕВ: Земањето на лекови на своја рака, без консултација со стручно лице може да предизвика несакани реакции кои некогаш можат да имаат и несакани последици. Затоа, повторувам и апелирам да не се земаат никакви лекови, дури ни витамини без консултација со матичниот лекар или специјалист. За консултација можат телефонски да се консултираат со својот матичен лекар или да се јават на телефоните кои се сега на располагање во државните институции.

Коронавирус