среда, 14. ноември 2018. Вести денес: 103
home Вести

„Дојде живот“ и за љубителите на игрите на среќа и спортско обложување!

„Дојде живот“ и за љубителите на игрите на среќа и спортско обложување!

Во јавноста се пласира информација дека само незначителен процент од граѓаните ќе бидат опфатени со даночните промени и тоа само граѓаните со драстично повисоки примања, но се занемарува фактот што истовремено е зголемен и персоналниот данок на добивки остварени од капитална добивка во кој влегуваат и игрите на среќа каде особено е значаен сегментот игри на среќа во обложувалница.

Според истражувањата за учество на граѓаните во овој вид игри на среќа во Македонија преку 35% од работоспособното население и од пензионерите консумира ваков тип на социјална забава. Тоа значи дека од најавената даночна промена ќе бидат погодени околу 600.000 граѓани. Треба да се има во предвид и дека главни клиенти на игрите на среќа и обложувалниците се граѓани со средна и ниска економска моќ, што значи дека прогресивниот данок не ги засега само минимален процент на граѓани со повисоки примања.

Оданочувањето на секој добитен тикет со 10%, што се воведе уште во 2014 година, во буџетот се слеаја големи износи на средства што буквално се одземени од добивките на граѓаните. Поточно, државата има инкасирано преку 40.000.000,00 евра само од обложувалниците. Со даночната реформа повторно се таргетираат овие граѓани од кои треба да се наплатат дополнителни 20.000.000,00 евра.

Поголем проблем за играчите на спортско обложување и за приредувачите на овој тип на забава е што пресметката на данокот се врши на неправилен начин. Приредувачите на игри на среќа и до сега во повеќе наврати реагираа дека начин на пресметување на персоналниот данок на добивка на секој исплатен тикет е неправилен и нефер но не наидоа на разбирање ниту кај претходната ниту кај актуелната Влада. Имено во пресметката на данокот на добивка не се зема во предвид уплатата на недобитните тикети на клиентот.

Приредувачите на игри на среќа истакнуваат дека кога веќе се врши некаква измена на законот, крајно време е да се примени правилен и законски начин на пресметка на персоналниот данок кај играчите на среќа. Потребно е реално да се дефинира вистинската добивка на граѓаните од игрите на среќа и да се оданочат само оние граѓани кои навистина  оствариле реална добивка. Тоа може да се постигне со воведување на ПЕРИОД НА ОДАНОЧУВАЊЕ на игри на среќа каде што во тој предвиден период ќе се земат во предвид  сите уплати и сите исплати што ги реализирал граѓанинот и само доколку има остварено позитивна разлика, односно остварил реална добивка, да му се пресмета персонален данок на остварената добивка. Ваквиот принцип на пресметка, односно средства вложени во “текот на играта“ веќе го користат играчите на игри на среќа во автомат клубови и казина, односно плаќаат данок само на големи добивки (како Џек Пот) за разлика од обложувалниците каде секој добитен тикет се оданочува. Разликата на платени буџетски средства по основ на персонален данок од игри на среќа помеѓу обложувалниците и автомат клубовите е огромна и нереална. Со новиот закон, наместо да ја исправи грешката, дополнително се ставаат во нерамноправна положба играчите во обложувалниците.