петок, 3. декември 2021. Вести денес: 25
home Вести

Дојче Веле: Автобусот на „Беса Транс“ го нема во базата на податоци на Министерството за транспорт

Дојче Веле: Автобусот на „Беса Транс“ го нема во базата на податоци на Министерството за транспорт

Автобусот на „Беса Транс“ во кој во вторникот загинаа 45 луѓе на автопатот во Бугарија, не бил пријавен кај надлежните институции во земјата, дознава Дојче веле. Во Министерството за транспорт и врски се уште е во тек анализата на документацијата на превозникот „Беса Транс“, на неговите автобуси како и на пријавените професионални возачи. Досегашните податоци покажуваат дека опожарениот автобус воопшто не бил пријавен од страна на сопственикот и не фигурира во системот на Министерството. Сопственикот на агенцијата не извадил извод за лиценца на тоа возило, а автобусот воопшто не е во базата на податоците на Министерството.

Сѐ уште се проверува дали двајцата возачи кои управувале во автобусот имале сертификат и дали биле пријавени од страна на сопственикот на агенцијата. Постапката ја отежнува фактот што сѐ уште не се познати имињата на сите загинати во трагедијата која се случи во вторникот утрото во близина на Перник, Република Бугарија.

Фирмата „Беса Транс“ имала лиценца за слободен превоз на патници од 2018 година. Согласно законите, секоја фирма која врши слободен превоз е должна да ги пријави возилата кои ќе сообраќаат, како и професионалните возачи кои ќе ги управуваат тие возила. Конкретниот автобус во кој се случи трагедијата, воопшто не бил пријавен. Според досегашните информации, автобусот бил нов и сообраќал во последните три години.

Задолжен за контрола на превозниците е Државниот инспекторат за транспорт, кој треба да врши редовни и вонредни контроли, да проверува дали превозниците ги исполнуваат условите и дали имаат лиценца. Директорот на Инспекторатот, Руфат Хусеини попладнево не одговараше на нашите повици за да објасни дали бил контролирал автобусот на „Беса Транс“. Хусеини во вторникот, во изјава за МИА, соопшти дека против превозникот „Беса транс“, Државниот инспекторат за транспорт годинава поднел четири кривични пријави за непочитување на протоколите за Ковид-19 за јавен превоз на патници.

Истрагата треба да покаже и како автобусот ги минувал меѓудржавните граници доколку немал пријавена лиценца.

Коронавирус