вторник, 10. декември 2019. Вести денес: 131
home Вести

Доделени стипендиите „Борис Трајковски“ за 2019/2020

Доделени стипендиите „Борис Трајковски“ за 2019/2020

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2019/2020. Традиционално и годинава беа доделени 20 стипендии за постдипломски студии на Програмата за бизнис администрација – МБА на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити колеџ во Солун. Стипендистите ќе продолжат да се усовршуваат во областа на бизнис администрацијата, менаџментот, маркетингот и финансиите.

– Добитниците на стипендиите се професионалци со завидно искуство кои со постдипломските студии ќе добијат дополнителни знаења и вештини неопходни за нивниот понатамошен личен развој што секако ќе придонесе и за институциите и за компаниите во кои работат. Нивната дообразба ќе биде од полза за целата нашата заедница, рече Пендаровски.

Тој додаде дека овие стипендии имаат повеќе од образовно значење поради тоа што го носат името на покојниот претседател Борис Трајковски, кој како што рече, имаше квалитети на вистински државник и на политичар со визија. Затоа, рече Пендаровски, овие стипендии посебно ги обврзуваат нивните носители да ги почитуваат и да ги актуализираат вредностите кои тој ги промовираше и живееше.

Министерот за образование Арбер Адеми рече оти државата исчекува сите стипендисти да дадат голем придонес кон остварување на нашите цели, кон развој на државата и од економски и од општествен аспект.

Тој додаде дека Сити колеџот претставува престижна образовна установа , со која, како што рече, се заинтересирани во наредниот период уште повеќе да ја продлабочуваат соработката.

Јоанис Верверидис, директор на меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити колеџ од Солун, рече дека резултатите на избраните стипендисти покажуваат оти тие се особено мотивирани професионалци, со одлични постигнувања и извонредни капацитети.

– Вие ќе студирате за диплома на еден од стоте врвни универзитети во светот. Зборуваме за Универзитет од кој произлегле шест добитници на Нобелови награди. Студиите кои ќе ги следите се со врвен квалитет. Тие постојат веќе 25 години во многу држави од поширокиот регион и притоа постигнуваат огромен успех, рече Верверидис.

Оваа програма, појасни тој, е специјално наменета за менаџери и останати професионалци и ќе ја предводат еминентни меѓународни професори и експерти и има за цел да ги подобри нивните лидерски и менаџерски вештини.

На Сити колеџот при Универзитетот во Шефилд, има околу илјада дипломирани студенти од земјава, од кои 250 се стипендисти на програмата „Борис Трајковски“.