Се уште молк од страна на министерот за надворешни работи Никола Димитров, по навредите за македонскиот јазик кој според бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов е „балканско есперанто“.
Каракачанов вчера во гостување на бугарската телевизија БТВ вчера изјави дека македонската нација е создадена во 1994 година, а на прашање дали има македонски јазик – тој рече „тој јазик всушност е едно балканско есперанто, српски зборови, турски зборови на основа на западнобугарскиот дијалект. Како сакаат можат да го наречат. За науката и за мене, тоа е бугарски јазик, бугарски дијалект“.
Вчеравечер извори на „360 степени“ од Берлин објавија за бурно попладне и бурна вечер на состанокот меѓу Димитров, Бујар Османи и шефицата на бугарската дипломатија Катарина Захариева, кои како што велат со посредство на германски министри за надворешни работи и Европа се барало решение за бугарските позиции во однос на предло-преговарачката рамка што ја изготви германското претседателство со Советот на ЕУ.
Очигледно синоќа се пеглало именувањето на „јазикот“ во Рамката, но и во другите документи на ЕУ во иднина и се барало начин како да бидат задоволени и двете страни.
Но, што пеглаа синоќа во Берлин Димитров и Османи сеуште македонските граѓани не знаат. Димитров остана имун на навредите од страна на Каракачанов, дека македонскиот јазик е балканско есперанто, па ни трага ни глас за тоа што се преговара со германските претставници и Захариева.
На гостување вчеравечер лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му порача пак на Каракачанов да го прочита Блаже Конески, затоа што како што вели има што да научи за македонскиот јазик.
Дополнително ВМРО-ДПМНЕ уште мината година побара македонското собранието да донесе резолуција во однос на македонскиот јазик за одбрана од бугарските провокации, а партијата Левица пак деновиве бара итно ставање на дневен ред на декларација за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии.
Провокациите од страна на Бугарија се очигледни, а и реториката на нивните претставници е засилена во насока на нивните барања, и иако опозициските партии бараат од власта став и осуда за таквите бугарски ставови, од Владата сеуште молк и нетранспаретност во однос на разговорите кои ги водат со бугарските претставници, а и никој од владините претставници не се огласи со осуда за ваквата реторика на Бугарија, ниту во одбрана на македонските црвени линии за јазикот.