петок, 7. мај 2021. Вести денес: 168
home Вести

Додатоците за трето дете доцнат во дел од општините

Додатоците за трето дете доцнат во дел од општините

Додатоците што ги добиваат мајките за трето дете доцнат во дел од општините, објави порталот деца.мк.

И покрај тоа што од Министерството за труд и социјална политика – МТСП, наместо на средина на месецот, како што е вообичаено, парите за март ги префрлиле пред велигденските празници, дел од мајките немаат добиено ниту за јануари годинава. Во центрите за социјални работи им објаснувале дека сѐ уште не им се готови решенијата, кои треба да ги добијат откако ја обновиле потребната документација.

– Поднесов документи во јануари, сѐ уште не ми се јавиле ниту за решението. Веќе со недели со мајките што ги познавам од општинава секојдневно се прашуваме дали некоја добила додаток. Најмногу ме чуди што во други општини редовно земаат месец за месец, а кај нас нема ништо. Бев да проверам и од секој службеник добив различен одговор, дека ми фалел документ, па потоа испадна дека ништо не ми фалело, дека барањата не биле потпишани… – вели мајка за порталот.

Таа објаснува дека и претходни години чекала за додатокот, ама никогаш не доцнел толку. – Знам дека ова е додаток, не е социјална помош, ама, сепак, родителите ги очекуваат парите и ги планираат за семејството – додава.

За правата од детска заштита корисниците прават обнова на документи секоја година од 1 до 31 јануари, со тоа што решенијата се со датум на важност од 1 јануари до 31 декември.

– Во зависност од датумот на поднесување на документите за обнова, а е во предвидениот законски рок, секое решение се донесува, решава во рок од 60 дена од датумот на поднесување на барањето за обнова, се одобрува и во апликацијата за водење и исплата на социјални надоместоци и потоа се врши исплата на средствата за оствареното право – објаснуваат од МТСП.

При првата исплата во годината, велат оттаму, се опфаќаат редовната месечна исплата и ретроактивна исплата доколку корисникот подоцна ги има поднесено документите, а тоа се случило во законски рок до 31 март.

– Доколку се поднесува прво барање за остварување на правото, тогаш по донесувањето на решението во законскиот рок од 60 дена од датумот на поднесување се врши и исплата од датумот на поднесување, а не од 1 јануари во годината. Корисниците што нема да достават барање за обнова на правата од детска заштита во законски утврдениот рок до 31 март го губат правото на остварување за периодот од 1 јануари до 31 март во годината и за тој период не им се исплаќа месечен надоместок, туку се започнува со исплата од датумот на поднесување – велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека доколку некои од општинските центри за социјални работи ги прекршиле роковите, засегнатите да пријават во правната служба на центарот, во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи или директно во Министерството.

Коронавирус