среда, 19. јануари 2022. Вести денес: 70
home Вести

До крајот на неделава треба да пристигнат дел од 450 авганистански државјани

До крајот на неделава треба да пристигнат дел од 450 авганистански државјани

Сите наши граѓани кои беа пријавени за евакуација од Авганистан веќе го имаат напуштено Кабул и во моментов се наоѓаат во Велика Британија, Катар и Осло, од каде во наредните денови ќе бидат транспортирани кон Скопје. Со тоа, сите наши државјани кои беа планирани за извлекување од Авганистан се евакуирани.

Министерството за надворешни работи, како што вчера посочија оттаму, нема информација за наш државјанин кој е во загрозувачка ситуација или кому му е потребна асистенција за евакуација.

Најголемиот дел, преку 30 наши граѓани се наоѓаат во Свинленд, Велика Британија, над 20 граѓани се наоѓаат во Доха, Катар, од каде во наредните денови ќе бидат транспортирани кон европските центри, а потоа кон Скопје. Последните наши граѓани кои беа предвидени за евакуирање, а се наоѓаа во НАТО базата во Кабул, завчера, исто така, го напуштиле Авганистан и се наоѓаат во Осло, Норвешка.

Од МНР вчера информираа дека во НАТО базата во Кабул се останати само оние кои сѐ уште ги извршуваат своите обврски и чија евакуација ќе се одвива согласно распоредот за повлекување од самата база.

Владиниот портпарол Муамет Хоџа вчера на прес-конференција информираше дека до крајот на неделава зависно од околностите на аеродромот во Кабул, се очекува да пристигнат и најголем дел од 450-те граѓани од Авганистан кои треба да бидат прифатени во земјава.

– Според информациите, Северна Македонија беше меѓу првите, ако не и прва земја, која сама пристапи на САД и понуди помош за овие луѓе кои се под опасност по доаѓањето на талибанскиот режим во Авганистан, рече портпаролот Хоџа.

Напомена дека не постои ризик од мигрантска криза, ниту пак, како што потенцира, оваа хуманитарна операција треба да се поврзува со Прифатниот центар за странци или мигрантските кампови на северната и јужната граница од нашата држава, туку е дел од голема светска хуманитарна акција.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека сами се понудиле да преземат и споделат дел од одговорноста, човечноста и хуманоста по целосното заземање на Кабул од страна на талибанските сили.

– Се работи за луѓе кои биле поддржувачи на сојузничките армии, вклучително и на нашата армија во Авагнистан. Се работи за миротворици, активисти за човекови, новинари, жени, студенти, интелектуалци, луѓе на кои треба да им помогнеме во услови кога се под страв да им бидат одземени животите, појасни Заев, отфрлајќи ги сите шпекулации за бран на бегалци или можни териристи или какви било застрашувања кон државата.

Премиерот Заев посочи дека ќе ги прифатат сите овие граѓани, кои доаѓаат со однапред пријавени листи со нивните податоци. Тоа, појасни, се луѓе кои биле асистенти на ОН и членови на нивните семејства, на Националниот демократски институт, на Фондацијата Отворено општество, на Капата на националните организации на САД – НЕТ.

Покрај потврдените 450 авганистански државјани кои треба да стигнат во државава, Заев вели оти е можно да се јават дополнителни 50, 70, 90 луѓе и оти јавноста ќе биде информирана.

Претходно, Владата донесе одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјата, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, сѐ до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација.

Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, пак, се задолжени на брз и ефикасен начин да ги завршуваат сите оперативни, безбедносни и административни обврски за прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за нивно спроведување до хотелските капацитети во кои ќе бидат сместени.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчеравечер на својот Фејсбук објави дека донесената одлука е да се подаде рака на оние на кои во моментов тоа им е најпотребно. Тоа, како што напиша тој, се луѓето од Авганистан, наши сојузници и нивните семејства. Да се биде солидарен, напиша Османи, не значи само да се повторуваат пораките за солидарност, туку да се преземат дела кога е тоа потребно, особено кон оние на кои тоа им е најпотребно.

– Ние сме солидарна држава и тоа сме го покажале многупати досега. Ништо поразлично не правиме ниту сега. Донесовме одлука да подадеме рака кон оние кои во моментов тоа им е најпотребно. Тоа се луѓето од Авганистан, наши сојузници и нивните семејства. Тоа се наши пријатели, луѓе како нас, кои ги делат нашите вредности, и на кои не по нивна вина денес им е загрозен животот и нивната безбедност. И ова не го правиме сами, туку е ова израз на нашата солидарност заедно со нашите сојузници – затоа што сме партнери и во добро и во лошо. Заедно влеговме и заедно излеговме од Авганистан – и сега заедно ќе ја преминеме и оваа криза, и овој предизвик. Утре е националниот ден на Авганистан. Честитајќи им го овој ден на сите Авганистанци сакам да порачам – Република Северна Македонија останува ваш пријател, стои во објавата на Османи.

За лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, неприфатливо е и погрешен потег е нашата држава да прима многу повеќе бегалци од Авганистан од побогати држави од нас.

– Навистина сум вчудоневиден со која леснотија се предлага ваков тип политика од страна на Владата имајќи предвид дека богатите скандинавски земји примаат едноцифрен број, дел од богатите балкански земји, Словенија, Хрватска, дел од балтичките земји, Естонија, исто така, прифаќаат едноцифрен број на луѓе, Авганистанци кои практично работеле за владите на тие држави во Авганистан, рече Мицкоски, во вчерашното гостување на ТВ Сител.

Според него, кога ќе видиме пример од побогатите држави во Европа, па и во светот, дека навистина се солидаризираат со маката на тие луѓе „тогаш можеме да дискутираме во рамки на нашите можности колку ние можеме да прифатиме и да бидеме добри домаќини“.

Имено, Агенцијата на ОН за бегалци – УНХЦР, објави документ со кој предупредува да не се спроведува враќање во Авганистан и побара прекин на присилните враќања на авганистански државјани, вклучувајќи и баратели на азил чии барања за азил биле одбиени.

– По брзото влошување на безбедносната состојба и состојбата со човековите права во големи делови од државата и отпочнувањето на хуманитарна вонредна состојба, УНХЦР ги повикува државите да ги сопрат присилните враќања на авганистански државјани за кои претходно било одлучено дека немаат потреба од меѓународна заштита. УНХЦР останува загрижена за ризиците од кршење на човековите права на цивилите во овој контекст кој се развива, вклучувајќи ги жените и девојчињата, оние за кои се смета дека имаат сегашна или мината поврзаност со авганистанската влада, меѓународните организации или меѓународните воени сили, изјави портпаролката на УНХЦР Шабија Манту на брифингот за новинарите во Палатата на нациите во Женева, информираат од агенцијата.

Државите, посочуваат од УНХЦР, имаат правна и морална одговорност да им дозволат на луѓето кои бегаат од Авганистан да побараат заштита, и да не враќаат бегалци присилно. УНХЦР ги поздрави скорешните постапки преземени од неколку држави привремено да ги сопрат депортациите на барателите на азил чие барање било одбиено.

Документот на УНХЦР против присилни враќања во Авганистан останува во сила сè додека условите поврзани со безбедноста, владеењето на правото и човековите права не бидат доволно подобрени во државата за да овозможат безбедни и достоинствени враќања.

Имено, Албанија, Северна Македонија и Косово се првите европски земји што рекоа дека ќе обезбедат привремено засолниште за Авганистанците кои патуваат за САД откако избегаа од освојувањето на талибанците на нивната земја.

Како што објави вчера бриселскиот портал Политико, според медиумите, повеќето се цивили кои работеле со американски или меѓународни мисии во Авганистан и се евакуирани додека чекаат американски визи. Студентските домови се испразнети за Авганистанците кои доаѓаат во Албанија, додека Северна Македонија, се посочува, објави дека одморалиштата и хотелите ќе бидат достапни. Косово соопшти дека има капацитет да прими до 10.000 луѓе. Во среда во Албанија треба да пристигнат првите бегалци.

Трите земји, како што обележува Политико, се меѓу најсиромашните во Европа и сите три се надеваат дека на крајот ќе се приклучат на Европската унија – иако се уште има значителни пречки пред тоа да се случи. Тоа е една од причините што тие многу се потпираат на нивната врска со Соединетите држави.

– Овие три се најпроамерикански земји во Европа, и веројатно во светот, како во однос на расположението кај населението и по усогласеноста кај политичката класа, без оглед на администрацијата што е на власт во САД, рече Тоби Вогел, аналитичар во Советот за политика за демократизација, тинк-тенк со седиште во Берлин. Тие ќе направат многу за да се приспособат на сите барања што може да ги имаат САД, смета Вогел.

За Северна Македонија, ова е исто така начин да се покаже дека го сфаќа сериозно членството во НАТО и да добие дипломатска поддршка за да ги деблокира пристапните преговори со ЕУ, се посочува меѓу другото во анализата на Политико.

Одлуката на Владата привремено да вдоми одреден број авганистански цивили вчера ја поздрави и Советот на Амбасадори.

– Граѓаните на земјата многу пати досега ги изразиле нивните чувства за солидарност и помош на сите народи во светот кои од разни причини имале и имаат потреба за помош. Тоа исто така претставува исполнување на обврска што Владата ја има кон НАТО, САД како наши досегашни силни поддржувачи на нашите евроатлантски аспирации и интеграции, како и кон меѓународната заедница во целина, се вели во соопштението од Извршниот Одбор на Совет на Амбасадори.

Следејќи ги најновите настани во Авганистан, се вели во соопштението, здружението за меѓународна политика „Совет на Амбасадори“, жали што по дваесет години вложен труд, вложени финансии во здравство, образование, култура, социјална политика и економски развој од страна на меѓународната заедница, со повторното враќање на власт на Талибанците, животот во оваа земја се враќа повторно на почеток.

Хелсиншкиот комитет, пак, вчера апелираше до медиумите, а особено до политичарите да не поттикнуваат ксенофобични чувства кај граѓаните заради постигнување одредени политички цели. Оттаму стравуваат од можното искористување на авганистанската криза во пресрет на локалните избори.

Хуманитарната криза во Авганистан и владината најава за привремено прифаќање на бегалци од оваа земја очекувано е проследена со интензивен говор на омраза и обиди да се шири ксенофобија меѓу граѓаните, оценуваат од Хелсиншкиот комитет, посочувајќи дека во изминативе години, особено за време на бегалската криза во периодот 2015-2017, дезинформациските кампањи поврзани со бегалците и мигрантите биле постојано присутни во јавниот дискурс и, како што се вели во соопштението „иако реалноста целосно ги демантираше лажните вести за населување на стотици илјади мигранти и градење бегалски кампови, омразата продолжи да се одржува во континуитет и деновиве повторно доживува подем“.

– Ваквото искористување на судбината на луѓе, кои бегаат за да го спасат својот живот поради тоа што се соочени со смртни закани во својата земја, се коси со меѓународните конвенции на кои сме се обврзале како држава (Конвенцијата за статусот на бегалците на Обединетите нации и Европската конвенција за човекови права), но и со основните морални начела за солидарност со оние кои се обесправени и чија егзистенција е директно загрозена, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права, најавуваат дека во наредниот период будно ќе ги следат случувањата на терен и ќе овозможат правна поддршка за 450-те хуманитарни работници, граѓански активисти, новинари, преведувачи и нивни семејства, кои ќе бидат прифатени во земјава и згрижени во неколку хотели. Комитетот исто така го следи и ксенофобичниот говор во јавноста и редовно ќе поднесува пријави за говор на омраза до надлежните институции. мс/лв/

Коронавирус