сабота, 25. септември 2021. Вести денес: 0
home Вести

До каде е одговорноста за пожарите? Штети огромни, странци не спасуваа, а на површина неспособноста на државата!

До каде е одговорноста за пожарите? Штети огромни, странци не спасуваа, а на површина неспособноста на државата!

Пожари ја опустошија Македонија, штета огромна, а веќе стигнуваат првите проценки за изгорената површина, количината на огревно дрво и колкав е финансискиот дел. Непозната е само една работа, а тоа е каде е одговорноста.

Надлежните велат дека тие не се одговорни, дека всушност тие ги спасиле шумите и граѓаните од пожарите. Такви изјави можевме да видиме и од премиерот Зоран Заев, но и од директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Ни грижа на совест, ни морална, ни политичка одговорност, а нема никаква информација ниту кој ќе понесе кривична одговорност.

Според првичните информации кои што ги споделија од ЈП Национални шуми во нивниот извештај, во Македонија изгореле 9.907 хектари, од кои 8.803 хектари се површини до шуми, при што изгореле 442.074 метри кубни дрвна маса. Пресметано во пари според нив, станува збор за штета од околу 31,1 милиони евра. Но тоа е само од пожарите до 15 август кои беснееја во Македонија од кои најстрашните беа во Кочани каде изгоре и дел од градот, односно гореа куќи, но и тој кај Пехчево и Берово кој можеби е и најголемиот откако Македонија е независна држава.

Но, потоа имаше пожари на Галичица, Велес, во скопскиот регион, како и во тетовско. Што значи дека штетата ќе биде поголема за уште најмалку третина од претходно проценетата и се очекува вкупната да биде проценета на околу 40 милиони евра.

Изгоре огромен дел од Македонија, големи финансиски загуби и тука не е возможно, а да никој од властите да не понесе одговорност. А за одговорност има повеќе причини.

Како прво се доцнеше гасењето на пожарите. За поголемите како што беа тој кај Пехчево, Кочани, Галичица и скопско се алармираше со денови, но реакција немаше. На пример во скопско велеа дека виделе чад, а нема оган, небаре чадот извирал од земјата, додека за пожарот на Галичица видовме изјава која дури и понижувачка, а тоа е дека очекувале утринската роса да го изгаси пожарот.

Потоа видовме целосна неподготвеност на системот, не се располага со доволно противпожарни возила, а тие кои ги има се постари од Југославија, за неангажирањето на хеликоптерите се бараа разни изговори дека не летале ноќе, дека биле презафатени и што и уште не. Покрај тоа имаме и три авиони за гаснење на пожари кои оваа власт ги приземји и не ги сервисира. Најпрвин викаа дека тоа е затоа што сумата од 400.000 евра била премногу, но потоа истражувањата покажаа дека имало експериментирање со тендерите, нивно поништување и фаворизирање на фирми. И така останавме без авиони.

Дека се немало пари, тоа не е вистина, бидејќи токму оваа влада за само три години има потрошено 10 милиони евра на службени возила, видовме како се трошат по 500.000 евра за непотребни прослави, но како се делат пари на невладини организации и медиуми. Пари има, но не за тоа што треба.

Третата работа која е срам за државата е тоа што странци дојдоа да ни гасат пожари. Дојдоа од Австрија 150 луѓе со околу 40 возила, а потоа истите ги заменија со други 150, поставија цел кризен штаб, направија системи за вода, организираност каква што оваа држава не видела, а за да биде иронијата поголема повеќето беа волонтери, а не професионални пожарникари. Дојде помош од Србија, Словенија, Романија, Бугарија, како во човечки ресурси така и хеликоптери, авиони. Што значи дека странците ни ги изгасија пожарите.

И кога ќе се поврзат овие три фактори, нејасно е како власта самата во себе гледа херојство, каде не гледа причини за барем морална и политичка одговорност, кога пожарите и справувањето со нив на површина извадија неспособноста и неспремноста на државата за справување со такви кризи.

Коронавирус