вторник, 22. септември 2020. Вести денес: 171
home Вести

Дисциплинска за полицајците што го приведоа момчето, пријави за „играорците“ во Гевгелија и за настанот во Ченто

Дисциплинска за полицајците што го приведоа момчето, пријави за „играорците“ во Гевгелија и за настанот во Ченто

Лицето С.Б кој вчера околу 14:30 беше приведен од страна на полиција во улицата „Антон Панов”, во Скопје, бил надвор од својот дом, заедно со домашен миленик, спротивно на владината уредба и пропишаното време за прошетка на домашни миленици во време на полициски час, информираат од МВР. Истовремено од МВР констатирале дека при преземање на службените мерки и дејствија полициските службеници работните задачи ги извршувале спротивно на упатството за начинот на однесување на работниците во МВР, во услови на прогласена вонредна состојба предизвикана од појавата на коронавирус.

– Против полициските службеници кои преземале службени дејствија спротивно на пропишаните правила и прописи од страна на ОВККИПС иницирана е постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, соопштија од МВР.

Во врска со настанот од 19-ти овој месец во Гевгелија, пак, каде што повеќе граѓани ја прекршија забраната за движење согласно уредбите на Владата, Министерството за внатрешни работи, односно надлежните служби во текот на денов од веќе идентификуваните 18 лица учесници на настанот, извршија службени разговори со осум лица, а за останатите десет лица се во тек достави на покани за разговор во надлежната полициска станица. Исто така, по целосно документирање на настанот против сите инволвирани ке бидат поднесени соодветни казнени пријави, а целокупната постапка е во координација со надлежен обвинител при ОЈО Гевгелија.

Воедно од МВР, истакнуваат дека освен трите лица кои првично беа приведени за настаните во Ченто, од 13 април и за кои веднаш беше поднесена кривична пријава, дополнително по извршена оперативни активности идентификувани се уште 23 лица.

– Тие се повикани во полициска станица и со истите е извршен службен разговор, за што е изготвена соодветна документација. По целосно комплетирање на документацијата, изготвена е кривична пријава против 23 лица за сторено кривично дело предвидено и казниво од КЗ и истата е доставена до Основното јавно обвинителство, соопштија од МВР.

Покрај ова, а во насока на целосно расчистување на настанот, Министерството за внатрешни работи и понатаму презема соодветни мерки и активности со цел идентификација и на останатите учесници, и по целосно завршување на постапката ќе биде доставен дополнителен поднесок до надлежното ОЈО.

Коронавирус