понеделник, 17. февруари 2020. Вести денес: 0
home Вести

Димовски: ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на обидот за поништување на лустрацијата

Димовски: ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на обидот за поништување на лустрацијата

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори на повикот за присуство на седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и дека кога и да е ќе присуствува на неа, но и дека сериозно ќе се спротивстави на обидот на СДСМ за носење на законот за поништување на лустрацијата, изјави пратеникот на оваа опозициска партија Илија Димовски.

-Нашето прашање е кои се жртвите? Тие кои што овозможувале лица да бидат политички ликвидирани и физички ликвидирани или тие коишто биле политички и физички ликвидирани. Македонија треба да одлучи дали ќе оди по патеката на евроинтеграции, дали ќе гради демократски систем по примерот на сите земји од Централна и Источна Европа или се уште ќе живее во времето кога со политички нарачки се воделе судски процеси. Ние ги разбираме социјалдемократите, тие и денеска го прават истото со политички нарачки. Министри ги правеа списоците кои лица политички неистомисленици треба да одговараат пред СЈО и пред судството, министри од СДСМ и денеска ги координираат судските постапки. Затоа тие не разбираат што прават и со овој закон за поништување на лустрацијата, изјави Димовски, притоа потсетувајќи на 75-годишнината од ликвидацијата без судска пресуда на 53 велешани на ридот над градот, заради тоа, што според него, се залагале „за демократски систем во Македонија, како што се залагале во своите први иницијативи членовите на АСНОМ.

Тој нагласи и дека на денешната седница на Комисијата за политички систем не присуствувал министер или заменик министер од Министерството за правда, додавајќи дека освен СДСМ како „наследник на претходниот режим“, никој не сака да даде поддршка на овој, според него, ретрограден закон.

Димовски оцени и дека земјава имала „најмека форма лустрација“.