четврток, 25. април 2019. Вести денес: 0
home Вести

Димовски: Со закани или со пари како на тезга можеш да купиш неколку пратеници, но не можеш да го купиш народот и неговата душа

Димовски: Со закани или со пари како на тезга можеш да купиш неколку пратеници, но не можеш да го купиш народот и неговата душа

Зоран Заев и армадилата на власта е целосно делегитимирани после синоќешното силување на демократијата и волјата на народот, истакна на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски.

Тој посочи дека Зоран Заев веќе нема легитимитет да говори за правда и правна држава.

-Зоран Заев веќе нема легитимитет да говори за демократија или демократска држава! Демократска и правна држава во која што се носат одлуки спротивно на уставот и јасно изразената волја на граѓаните на референдум, не постои! Демократска и правна држава во која што се одложува гласање се додека не се соберат гласови на пратеници кои се под закана на политички прогон, не постои! Сега се гледа која била намерата да се нарачаат политички конструирани обвиненија и притвори за 27 април, да се нарачаат монтирани предмети против деца на пратеници или да се ангажира специјалното јавно обвинителство да гони поранешна министерка за култура која е актуелен пратеник, нагласи Димовски.

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека раководството на СДСМ порачуваше дека Крсто Мукоски бил убиец кој морало да си лежи. „Ајде на здравје“ беше честитката од раководството на СДСМ за синот на пратеничката Авировиќ, а истите се радуваа и ликуваа што Елизабета Канчевска Милеска останала без пасош бидејќи таа била зло за Македонија.

-Истото тоа раководство на СДСМ сега побара и доби поддршка за антидржавните политики токму од овие пратеници кои најжестоко ги напаѓаше. Ова не се европски вредности и демократијата кон која што тежнее Македонија и македонскиот народ. Македонија низ историјата поминувала низ премрежија но секогаш излегувала само како победник. Вчера бевме сведоци на кршењето на европските вредности, на притисоци, уцени, па дури и сомнеж за корумпирање се со цел да се спроведе штетниот и капитулантски договор на Заев со кој се сруши интегритетот и суверенитетот и идентитетот на Република Македонија. Вчерашниот ден ќе остане запомнат како црн петок. Најцрн и најсрамен ден, во кој ордите на Заев го претворија демократскиот храм во пазар со името на државата, вели Димовски.

Тој рече дека вчера биле сведоци дека македонското собрание беше окупирано како да сме во состојба на војна.

-Секој од нас живее со сопствените одлуки и за тоа сноси одговорност пред сопствениот народ. Така и пратениците кои вчера гласаа ќе треба да се соочат со својот народ, со своите роднини, пријатели сограѓани, порано или подоцна. Тогаш ќе каже народот што мисли за вчерашниот глас, и за непринципиелните ставови. Силувањето на својата држава и на својот народ нема да им донесе ништо арно. Напротив уште повеќе ќе го поларизира општетсвото, ќе раѓа гнев и незадоволство, бидејќи овде не се работи за обична одлука, туку одлука од која зависи во која земја ќе живееме, како ќе се нарекуваме, какви документи ќе имаме, каква историја ќе учиме, каква култура ќе промовираме понатаму. Со закани или со пари како на тезга на пазар можеш да купиш неколку пратеници, но не можеш да го купиш народот и неговата душа. Тоа Заев, господата од СДСМ и нивните поддржувачи ќе го видат многу скоро. Граѓаните јасно и гласно на референдум им кажаа дека се против капитуланскиот договор, а тие како однародени се решија за ЗА. Очајот и слабоста ги натераа да одат до крај со своите фалсификати, насилства и недемократски методи, но токму тоа ќе биде и нивниот политички крај, нагласи членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски посочи дека затоа што народот е Македонија, а Македонија секогаш победува.

-Може да се криете, ама нема да се сокриете од својот народ. Може да бегате ама нема да избегате од соочување порано или покасно. Македонија нема да стане европска земја со поддршка на антидржавните и мафијашки политики од страна на 80 очајници. Македонија ќе тргне напред тогаш кога оваа антинародна власт ќе биде поразена и ќе замине на буништето на историјата. Македонија победувала и повторно ќе победи, потенцираше членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.