вторник, 27. септември 2022. Вести денес: 0
home Вести

Димков: Врз основа на кои критериуми Василевски е назначен од страна на Шекеринска за прв човек на военото разузнавање, доколку во минатото имал дамки во кариерата?

Димков: Врз основа на кои критериуми Василевски е назначен од страна на Шекеринска за прв човек на военото разузнавање, доколку во минатото имал дамки во кариерата?

Довербата тешко се гради, но лесно се урива. Генерации во македонската армија и Министерството за одбрана напорно работеа за да ја стекнат и за да се докажат како релевантен партнер на нашите пријатели и сојузници од НАТО, за сега некој преку ноќ со неодговорни одлуки истата да ја прокоцка. Скандалот што беше обелоденет преку медиумите мора да се расчисти, а јавноста и нашите пријатели и сојузници да ги добијат одговорите на непријатните прашања, истакна Трајче Димков на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

-Дали е точно дека првиот човек на военото разузнавање во минатото бил одбиван при аплицирањето за издавање на безбедносен сертификат? Кои се причините за одбивањето? Кои услови не биле исполнети од страна на Горан Василевски за македонските служби да не може да му издадат безбедносен сертификат со назнака „Државна Тајна“ ? Дали е точно дека Василевски се жалел и до Управниот суд, но судот утврдил дека аргументите не се на негова страна? Јавноста легитимно се прашува врз основа на кои критериуми Горан Василевски е назначен од страна на Радмила Шекеринска за прв човек на военото разузнавање, доколку во минатото имал дамки во кариерата ? Што се сменило сега за во експресен период од месец дена истиот да се стекне со безбедносен сертификат од највисок степен, запраша Димков и додаде:

„Какво мислење градиме кај нашите партнерски служби доколку поставиме за прв човек на военото разузнавање лице кое подолг период не ги исполнувало условите за издавање на безбедносен сертификат и паѓало на проверките за безбедност? Јавноста чека одговори како Горан Василевски со безбедносен сертификат се стекнал за неполн месец, иако законските процедури за добивање на сертификат со степен „Државна Тајна“ изнесуваат до 6 месеци, а во вонредни услови може да изнесуваат и до 12 месеци. Дали можеби блискоста на Василевски со СДСМ, која се гледа од јавно објавените фотографии на истиот на неговиот фејсбук профил допринела за експресната постапка“.

По информациите кои ги обелоденија медиумите, подвлече Димков, постои сомнеж дека постојат пропусти во постапката.

-Имено според постапката за стекнување со безбедносен сертификат ДБКИ бара мислење од военото разузнавање кое по собраните податоци го потпишува началникот на военото разузнавање, поточно Василевски. Значи ли тоа дека Василевски сам на себе си потпишал безбедносна проверка и со тоа без поседување на безбедносен сертификат имал увид во класифицирани информации? Во интерес на нашата НАТО интеграција и довербата кај нашите партнери Шекеринска е должна да ги одговори овие прашања. Радмила Шекеринска и СДСМ со своето неодговорно однесување постои ризик да ја загрозат меѓународната репутација на Република Македонија кај нашите НАТО партнери. Власта не смее ниту во еден момент од своето делување да ги загрози стратешките НАТО интереси на Република Македонија.

Коронавирус