сабота, 26. септември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Димитров и Коѕијас се усогласуваа околу потешките прашања, средба со Нимиц на 12 мај

Димитров и Коѕијас се усогласуваа околу потешките прашања, средба со Нимиц на 12 мај

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас вчера во Солун разгледуваа можни комбинации за потешките прашања во преговорите за спорот со името, а за разгледуваните комбинаторики најавија дека ќе ги информираат премиерите на двете земји. Министрите следната недела, на 12 мај во Атина ќе имаат средба со медијаторот на Обединетите нации во спорот за името Метју Нимиц.

Двајцата министри вчера се сретнаа на маргините на квадрилатералниот состанок на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија. Средбата, која е дел од зачестентите контакти во преговорите за решавање на спорот, траеше еден и пол час и тие ја оценија како позитивна.

– Како што знаете разлики се уште има. Ова што вчера и денеска го правевме е испитување комбинации, кои едната или другата страна би можеле да ги прифатат, и тоа е нашата задача. За овие елементи треба да разговраме и дома и да ја искористиме и следната средба, рече Димитров вчера по средбата. Истакна дека прашањето е комплексно и влогот е многу голем.

Димитров нагласи дека главните разлики остануваа во однос на прашањето за промена на Уставот, што го бара грчката страна и прашањето за опсегот на употреба.

– Целта на преговорите е да најдеме чесно, одржливо и трајно решение, што и двете страни ќе можат да го прифатат. Главно е дека решението треба да продуцира пријателство, а не фрустрации. Само такво решение ќе биде одржливо и трајно, додаде тој.

Коѕијас на прес-конференцијата во Солун изјави дека има впечаток оти другата страна верува оти е дојдено крајно време прашањето да се реши и оти смета дека има извесен напредок во преговорите.

Според него, на двете страни им е јасно дека не треба да се гледа кусогледо, туку треба да се фокусираат на решавање на проблемот.

– Сите созреавме преку преговорите, тоа не го мислиме само ние туку и другата страна и се надевам никого нема да разочараме, рече Коѕијас.

И шефот на грчката дипломатија вели дека останува да бидат решени едно до две клучни прашања.

– Мислам дека денеска смисливме многу алтернативи, не стигнавме до одлука, ќе треба да ги известиме и нашите премиери. Ако одлучиме за овие алтернативи, тогаш ќе бидат созреани условите за средби на повисоко ниво, но за тоа, секако, не одлучуваат министрите за надворешни работи, туку нивните шефови, кои кога ќе ги направиме чекорите, што се надевам дека ќе ги направиме, ќе можат да остварат контакт и самите да се договорат за нивните средби. Но, мислам дека треба до крај да се бориме за да се најде ова решение, рече Коѕијас.

Следната сабота, на 12 мај, според информациите на дописничката на МИА од Грција, ќе се одржи нова средба на шефовите на македонската и на грчката дипломатија, Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц, во Атина.

Никола Димитров и Никос Коѕијас, еден ден по учеството на конференцијата што ќе се одржи в петок во Сунио, ќе се сретнат со специјалниот претставник на ОН.

Во врска со спорот вчера се огласи и лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, Киријакос Мицотакис, кој инстистира на измени во Уставот.

– Со уставна промена може да се обезбеди ерга омнес, со официјална промена на името на Скопје и за внатрешна и за надворешна употреба. Скопје нема да се вика Република Македонија, ќе се вика поинаку, според она за што ќе постои договор. Тоа ќе биде име што ќе се однесува и за внатрешноста и за надворешноста, вели Мицотакис.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, пак, порача дека неговата изјава дека спорот за името може да се реши за две недели била погрешно разбрана.

-Тоа беше грешка, има и снимка. Јас реков дека имам верба дека за неколку недели (a couple of weeks) може да се најде решение, а не за две недели (two weeks). Тоа значи дека сметам дека во блиска иднина е можно решение за спорот за името, изјави Хан.

Хан повтори дека по препорака на Европската Комисија за старт на преговори “најважно сега е да се најде решение за спорот за името“ за земјите членки да ја одобрат оваа препорака.

Македонија се надева дека прашањето за името ќе се реши до Самитот на ЕУ во јуни од кој очекува датум за почеток на преговорите, како и покана за членство на јулскиот Самит на НАТО.

МИА

Коронавирус