вторник, 24. ноември 2020. Вести денес: 156
home Вести

Димитриеска- Кочоска: Несфатливо е како Министерството за финансии нема евиденција на согласностите за вработувања и ангажирања

Димитриеска- Кочоска: Несфатливо е како Министерството за финансии нема евиденција на согласностите за вработувања и ангажирања

Министерството за финансии важеше за најорганизирана и најпрофесионална институција, со најголема и недвосмислена доверба и почит помеѓу соработниците и се разбира кај граѓаните, ова денеска преку прес-конференција за јавноста го истакна дополнителниот заменик министер за финансии Гордана Димитреиска- Кочоска.

-За жал, не можам истото да го кажам и за сегашната состојба. Заканите кон вработените и забраната да доставуваат документација и соработуваат со мене се унапредува и веќе сериозно го загрозува претстојниот изборен процес поради повеќе причини. Имено, на ден  21.01.2020 година, од страна на Министерката за финансии а по претходно барање до Кабинетот на Министерот како надлежен Сектор во Министерството, иако по 11 дена, добив известување дека Министерство за финансии не води евиденција на издадени известувања за обезбедени финансиски средства односно согласности за вработување во институциите во Р. Македонија, по институции број на лица, вид на вработување односно ангажирање, а притоа нема таква обврска. Со ваквото известување, и видно прикривање на податоци се буди сомнеж за сериозно попречување на организацијата на изборите и можно влијание врз граѓаните како гласачи на претстојните предвремени парламентарни избори. Имено, согласно Законот за Владата, вработените во министерството се должни да ги достават сите акти, документи и информации кои му се на располагање на министерот, до кои согласно истиот закон дополнителниот заменик на министерот има право на неограничен пристап. Несфатливо е како Министерството за финансии нема евиденција на согласностите за вработувања и ангажирања, со оглед дека истите се изворна надлежност согласно Законот за буџети и Законот за трансформација во редовен работен однос. Дали тоа значи дека нема евиденција за тоа каде се трошат парите на граѓаните, колку средства се одлеваат од Буџетот и по кој основ, потенцира Димитриоска- Кочоска.

Таа додава дека како ќе се оствари наводната определба на Владата за вложување во човечки капитал ако не се знае, односно не се води евиденција за колку лица се издала согласност односно се обезбедиле средства за вработување, колку лица се ангажирале, каков вид на работен однос истите засновале. Како би се утврдиле механизмите за подобрување на определена состојба без претходна анализа на определени параметри?

-Ваквиот одговор меѓу другото укажува и на немање на капацитет на актуелниот кабинет на Министерот за финансии, со оглед дека токму овие согласности согласно Правилникот за организација и работа на Министерството се во надлежност на оваа организациона единица. Имено, во периодот на преодната Влада во 2015 година, каде како дополнителен заменик министер за финансии беше Кире Наумов, по негово барање доставено до Министерот за финансии податоците за издадени согласности биле навремено доставувани на начин на кој истите биле барани, за што доказ е овој одговор на барањето (копија од дописот), со оглед дека во овој период кога на власт беше ВМРО – ДПМНЕ се почитуваа законите, што сега имајќи го предвид ваквото известување не еслучај. Притоа, ако ова тврдење на Министерството за финансии е точно и ако навистина не постои евиденција за предмети по кои Министерството има изворна законска надлежност да постапува, тоа укажува на сериозно прекршување на одредбите од Законот за архивски материјал и Упатството за начинот и техниката на постапување со архивскиот и документарниот материјал во канцелариското и архивското работење, што навистина загрижува. Од друга страна, не е јасно како во услови кога со закон е предвидено давање согласност од страна на МФ за ангажирање на лица со договор за дело и авторски договор, што не претставува известување за обезбедени односно необезбедени средства, туку надлежност за издавање согласност што подразбира направена процена за нејзино издавање, Министерството нема евиденција. Во иста насока, се поставува прашањето кои се критериумите за издавање на оваа согласност, како се утврдува континуитетот за вакви ангажирања, како се спречува злоупотребата на овие институти кои можат да се на штета на работниците, и дали воопшто се води грижа за реалната потреба за издавање на вакви согласности, што впрочем е улогата на ова министерство при издавањето на овие согласности согласно законските одредби. Со оглед на ваквиот начин на однесување очигледен е обидот за загрозување на процесот на изборите! Можеби задачата на министрите од СДС е да не дозволуваат увид во документацијата и нивно прикривање, но мојата задача е граѓаните да ја дознаат вистината за секој денар што е потрошен и дали трошењето е во согласност со закон. Оттука, а со оглед дека го немам третманот согласно Законот за Владата и Законот за организација и работа на органите на државната управа, она кое јас можам да го сторам во оваа состојба е јасно и отворено да говорам за ваквите случувања, со цел јавноста да биде информирана сеопфатно, а притоа ќе ги искористам сите правни механизми кои ми стојат на располагање за да спречам било какво опструирање на претстојните избори, рече Димитриоска- Кочоска.

 

Коронавирус