четврток, 13. мај 2021. Вести денес: 123
home Вести

Дијагностичките апарати низ државните болници пред распад, четири години власт СДСМ не набави ниту еден 

Дијагностичките апарати низ државните болници пред распад, четири години власт СДСМ не набави ниту еден 

Во периодот на власта на сегашната опозиција, ВМРО-ДПМНЕ вообичаена беше сликата кога се пуштаа во употреба нови, софистицирани, напредни дијагностички и интервентни рендген апарати, како на пример магнетни резонанци, компјутерски томографии, еха, ангиографии и така натаму. 

За разлика од тогаш, сега четири – пет години подоцна, период во кој Социјалдемократскиот сојуз на чело со Зоран Заев се власт, во јавното здравство не е набавен и купен ниту еден нов рендген апарат, а постоечките се целосно амортизирани. На нивното амортизирање придонесе и напливот на пациенти поради зараза и компликации од корона вирусот. 

Таков е и примерот со ангиографот во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, која е главен Ковид-центар во земјава од почетокот на коронакризата и тука се лекуваат најтешките случаи со компликации од ковид-19 и кој по зголемувањето на бројот на пациенти со мозочни и срцеви пост ковид инфаркти е целосно пред распад. А, од друга страна болницата буквално ја моли власта за нов апарат. 

За состојбата со апаратите во градската болница информираат доктори кои се вработени таму и кои сакаат да останат анонимни. Тие велат дека прашање на ден е кога тој сосема ќе откаже со што без услуга од интервента радиологија и кардиологија ќе останат пациенти од целата држава. 

И директорот на болницата д-р Христијан Костов за порталот „сакам да кажам“ потврди дека станува збор за апарат стар десет години кој е сѐ уште исправен, но вели тој, се користи 24 часа, практично од сабајле до другото сабајле.  

-Ние имаме интервентна радиологија број еден во земјава, тука се прегледуваат пациенти од цела Македонија. Од 7 до 15 часот на апаратот работат интервентни радиолози, а од 15 до 20 часот кардиолози. Навечер пак имаме дежурни кои особено сега во ковид кризава се соочуваат со невообичаено многу мозочни и срцеви инфаркти, вели директорот Костов. 

Директорот вели дека е во постојани преговори со Министерството за здравство и со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) за набавка на нов апарат, со што Болницата би имала два вакви апарата за да не биде едниот преоптоварен и да може да им се излезе во пресрет на сите пациенти од државава. Еден ваков апарат чини околу 450 илјади евра, а директорот вели дека досега успеал да обезбеди две третини од цената и тоа преку донации.  

Тоа значи дека директорот веќе има обезбедено над 300 илјади евра и власта потребно е да обезбеди само 100-тина илјади евра за да се купи новиот ангиограф кој ќе биде во служба не само на жителите на град Скопје, туку на граѓаните во целава држава. 

На ваквата ситуација реагираше докторката Марија Андоновска, која воедно е и член на Извршниот комитет на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Таа, преку социјалната мрежа Фејсбук пишува дека СДСМ пет години е на власт а не нема купено ниту еден медицински апарат, додавајќи дека тоа нешто ново што е обезбедено за здравството е од донации.  

Таа смета дека за една држава 100 илјади евра е смешна сума за така важна и неопходна работа, која потенцира дека кога можеше власта да доделува по илјадници евра за стипендии на деца на функционери и за лубриканти, може да купат бар еден апарат кој во овие моменти е неопходен за дијагноза на мозочни и срцеви инфаркти и значи спасен човечки живот. 

-Има ли оваа власт купено бар еден медицински апарат а да не е донација!? Деновиве ГОБ 8ми Септември моли за нов ангиограф бидејќи постоечкиот е преоптеретен со ситуацијата и со зголемиот обем на работа што ја наметнува Корона кризата! И замислете недостасуваат околу 100000€, додека две третини се обезбедени од донации. 100.000€ е смешна сума наспроти тоа колку испокрадоа! Кога можеа да исплатат 40.000€ за студии на ќерка на министер, 83.000€ за тренирање магаре и милиони за лубриканти, можат да купат бар еден апарат кој во овие моменти е неопходен за дијагноза на мозочни и срцеви инфаркти и значи спасен човечки живот!, пишува Андоновска. 

Имено, ангиографот е апарат за иследување на крвните садови на мозокот, вратот, аортата, екстремитетите. Со него се откриваат најчесто стеснувања на артериите кои во текот на прегледот може и да се дилатираат и стентираат, а со тоа истовремено да се изврши и интервентна процедура. Се користи и при операции за инфаркти, вградување на стентови. 

Но, освен со ангиографот, вработените во болницата „8 Септември“ велат дека имаат проблем и со функционирањето на апаратот за магнетна резонанца. Дотраен е и често им се расипува, а ова го потврдуваат и пациентите кои ги користат здравствените услуги на болницата. Дел од нив, за порталот СДК велат дека за да им се направи специјалистичка интервенција во „8 Септември“ пред тоа морале да закажуваат магнетна резонанца во други здравствени установи. 

Коронавирус