вторник, 26. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Детска кардиохиругија се планира да биде во приватна здравствена установа: Јавно приватно партнерство или уништување на јавното здравството?

Детска кардиохиругија се планира да биде во приватна здравствена установа: Јавно приватно партнерство или уништување на јавното здравството?

Министерoт за здравство Венко Филипче најави дека се разгледува можноста детската кардиохиругија да функционира во рамки на една од приватните болници. Според Филипче ова е модел на јавно приватно партнерство. За упатените пак ова не е јавно приватно партнерство, туку обид за уништување на јавното здравство. Од друга страна кардиохируршки операции на товар на Фондот за здравствено осигурување се вршат на возрасни и во приватните клиники Систина и Филип втори. Оттука, укажуваат упатените идејата очигледно е на товар на Фондот да се вршат и операции од детската кардиохирургија во приватните здравствени установи, пишува порталот Здравство.

Како што информираше Филипче се разгледува опцијата за јавно-приватно партнерство со приватната установа Клинка Жан Митрев, поранешна Филип Втори, за да се искористи добриот инфраструктурен капацитет што го има болницата.

Станува збор за јавно-приватно партнерство со целосно преземање на сите вработени во тимот за детска кардиохирургија. Идејата е да се обезбедат подобри услови, оти сега работат на Клиника за детска хирургија. Многу често се пополнуваат капацитетите, а детската кардиохирургија бара целосно користење на салите. Размислувавме да ги префрлиме на Кардиохирургија за возрасни, но тоа бара дополнителни инвестиции и дополнителна опрема. Таа инфраструктура постои во приватните болници и сега се разгледува можноста дали може да развиваме таков проект на приватно-јавно партнерство, вели Филипче во изјава од минататата недела која ја пренесе Сакамдакажам.мк.

Филипче во истата изјава вели и дека буџетот или средствата што се издвојуваат од Фондот за здравствено осигурање за оваа намена ќе остане ист како и досега каде се врше операциите на Клиниката за детска кариохирургија.

Буџетот останува ист. Се превземаат сите вработени. Никој нема да остане без работа и значително ќе се подобруваат условите. Ако одиме во таа насока задолжително ќе се вклучи странски експерт, за да обезбедиме не само наши деца да не одат во странство, туку тоа да стане детски кардиохируршки центар. Нашите лекари и сега сѐ уште работат со експерти од странство. Врз работата на Клиниката за детска хирургија тоа нема да се одрази, бидејќи овој тим исклучиво работи само кардиохирургија, вели Филипче.

Детската кардиохирургија, пак, на Клиниката за детски болести беше воведена во 2013 годинаТогаш со тимот на детска кардиохирургија кој го водеше доктор Владимир Чадиковски работеше и правеше обуки истакнатиот американски хирург доктор Вилјам Новик. Доктор Чадиковски пак е единствениот лиценциран македонски детски кардиохирург. Според последните податоци, на Клиниката за детска хирургија досега се направени над 300 кардиохируршки операции на деца.

Во интервју за Плусинфо.мк во април годинава доктор Чадиковски говори за успешноста на проектот детска кардиохирургија откако тој почна да функционира во 2013 година.

До сега се оперирани повеќе од 350 деца (бебиња), направени се повеќе од 50 интервентни кардиолошки процедури и повеќе од 1.000 кардиолошки прегледи. Навистина поминавме тежок период, но сега дојдовме до фаза да имаме и простор и кадар, со други зборови – да воспоставиме систем кој во нашата земја е најтешко да го направиш. Според бројот на живородени деца годишно (22.000 – 25.000), ние секоја година треба да оперираме околу 120 деца, од кои 70-80 во првите месеци од животот. Годишно Фондот за здравство исплаќал околу еден еден милион евра за овие деца да се лекуваат во Бугарија, каде се оперирале 50-60 деца, па сами пресметајте колку умирале без можност да добијат шанса за живот. И така било со години, вели Чадиковски во интервјуто.Чадиковски инаку од јули годинава е дел од тимот во клиничката болница Аџибадем Систина.

Упатените во проблематиката велат дека наместо да се оди во насока на зајакнување на капацитетите на детска кардиохирургија во рамки на јавното здравство поточно кампусот клиники Мајка Тереза, се пристапува кон нешто што министерот Филипче го нарекува јавно-приватно партнерство.

-Идејата на јавно приватно партнерство наједноставно кажано е да се инвестира во јавните здравствени установи, а не ова да се префрлуваат интервенции како овие во приватни клинки, велат здравствени работници од областа.

Со ова, објаснуваат тие, Фондот за здравствено осигурување ќе даде лиценца дејноста да се врши во приватни здравствени установи. Тоа значи дека операциите ќе бидат на трошок на Фондот.

-Ова веќе функционира и операции на трошок на Фондот се прават за кардиохируршки зафати на возрасни. Со ова исто ќе биде и за децата, објаснуваат упатените.

На пример операции за адултна кардиохирургија на трошок на Фондот се прават во Аџибадем Систина и Филип Втори.

Коментарите за оваа идеја на Филипче одат дотаму што упатените во оваа здравствена област сметаат дека наместо да се зајакнува јавното здравство, тоа се уништува.

-Постапките на надлежните говорат дека сакаат да ги зајакнат приватните здравствени установи на сметка на јавните здравствени установи, велат тие и заклучуваат во секоја држава прво се води сметка за инфраструктура, опременост, професионални кадри прво во јавното здравството.

Коронавирус