понеделник, 1. јуни 2020. Вести денес: 20
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Вести

Детектор анкета: Над 20% од вработените граѓани останале без своето работно место поради корона кризата

Детектор анкета: Над 20% од вработените граѓани останале без своето работно место поради корона кризата

Секој петти вработен граѓанин во Македонија останал без своето работно место како последица на економската криза предизвикана од епидемијата на корона, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 12,1% од вкупниот број на граѓани велат дека го загубиле работното место или пак добиле привремен отказ или суспензија поради кризата со корона вирусот. 33,4% велат дека одат на работа исто како и пред кризата. 10,7% од граѓаните поради корона вирусот работат од дома, додека 2,5% немаат некои промени во статусот бидејќи и претходно работеле од дома. Останатите нешто над 40% се невработени и пензионери. Кога тие ќе се исклучат од истражувањето, анкетата покажува дека 20,6% од анкетираните вработени граѓани останале без работното место, додека 56,9% се уште одат на работа како и претходно. 18,2% од вработените анкетирани граѓани работат од дома, а за 4,3% вработени граѓани нема никакви промени бидејќи тие и пред кризата си работеле од дома.

Две третини од граѓаните или 66% сметаат дека државата треба да покрие дел од загубите на домашните приватни компании предизвикани од кризата, додека 12,3% сметаат дека државата не треба од буџетски средства да ги покрива загубите. 79,1% од анкетираните сметаат дека државата треба да покрие дел од загубите на најпогодените компании, додека само 5,6% не се согласуваат со тоа. Кога станува збор за помош и на домашните и на странските компании, поддршка даваат 54,5% од анкетираните а 21,7% се против. 70,6% од граѓаните или нешто над две третини се на ставот дека државата треба да ги компензира и оние кои биле привремено или вработени како хонорарци а останале без работа како резултат на корона кризата, додека 8,9% се против. Најголем дел од граѓаните велат дека покрај за своето здравје, економската криза е тоа за што најмногу се грижат во овој период. Ваков став имаат 38,8% од анкетираните.

15,3% стравуваат од колапс на здравствениот систем а 10,7% од недостаток на храна, лекови и други стоки, додека 5,6% стравуваат од губењето на работното место. Анализирано според возрасната структура, за економската криза најголема е загриженоста кај анкетираните кои имаат меѓу 40 и 49 години. Дури 48,6% од нив велат дека покрај можноста да се заразат, најмногу се плашат од економската криза. Граѓаните кои се помлади но и постари од оваа група велат дека се нешто помалку загрижени за економијата. Најмалку за економијата се грижат најстарите. Само 27,1% од анкетираните над 60 години велат дека економската криза е најголемиот проблем ако се исклучи можноста да се заразите со вирусот. 39,1% од младите до 29 години велат дека најмногу ги загрижува економската криза покрај здравствената. Ваков став имаат 44,8% од граѓаните меѓу 30 и 39 години и 36,6% од оние кои се на возраст од 50 до 59 години.

Анализирано според местото на живеење, најголема загриженост за економската криза има во источниот регион каде 48,2% од граѓаните велат дека покрај можноста да се заразат најмногу се плашат од економската криза. Овој процент паѓа на 45,6% во скопскиот и 43,2% во полошкиот регион. Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1116 испитаници во периодот од 18 до 21 март со маргина на грешка од плус-минус 3%.

Коронавирус