среда, 26. февруари 2020. Вести денес: 83
home Вести

Детектор анкета: Граѓаните се против увоз на отпад и целосно подготвени да почнат со селекција

Детектор анкета: Граѓаните се против увоз на отпад и целосно подготвени да почнат со селекција

Скоро и да нема граѓанин кој не се противи на политиката на увезување на отпад, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор телефонски го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1.105 испитаници во периодот од 8 до 11 јануари годинава со маргина на грешка од плус-минус 3 проценти.

Според истражувањето, 89,6 отсто од граѓаните се против увезување на отпад во Македонија, додека само 3,9 проценти даваат поддршка. Од анкетираните 49,1 отсто сметаат дека во Македонија е дозволен увоз на отпад од други држави, 27,4 сметаат дека има забрана додека 23,4 отсто велат дека немаат информација. Близу две третини од граѓаните или 65,9 отсто сметаат дека во државата се уште има опасен отпад како последица од работењето на одредени институции додека 11,9 отсто мислат дека сето тоа е исчистено.

Од анкетираните 63,9 отсто сметаат дека депониите не работат во согласност со законските норми, додека 15,1 процент се на став дека тие работат законски. За 48,4 отсто од анкетираните бројот на диви депонии во изминатите неколку години се зголемува, 25,9 отсто сметаат дека останува ист, а само 7,1 процент се на ставот дека бројот на диви депонии во споредба со минатите години е намален.

Според анкетираните граѓани, членството во Европската Унија ќе помогне полесно да се надмине проблемот со менаџирање на отпадот. Ваков став делат 40,9 отсто од анкетираните, 26,4 проценти сметаат дека нема да има некоја разлика, додека 15,7 отсто сметаат дека по членството во ЕУ уште потешко ќе се надмине проблемот со менаџирање со отпадот.

Истражувањето на Детектор покажува дека за граѓаните е многу важно решавањето на проблемот со менаџирање на отпадот. Важноста на решавањето на овој проблем на скалата од 1 до 5 дури 58,7 проценти од граѓаните го оцениле со „петка“ додека 16,3 отсто со „четворка“. „Тројка“ ставиле 15,2 отсто, за „двојка“ се одлучиле 5,8 и само 1,3 отсто за единица.

Огромно мнозинство граѓани или 88,2 отсто велат дека се подготвени да го селектираат својот отпад доколку за тоа постојат соодветни услови, додека само 3,2 проценти не би селектирале. Сепак, во моментов, само 24,6 отсто од граѓаните го селектираат својот отпад, 34,7 тоа го прават самоделумно а 39,2 отсто воопшто не селектираат.

Дека граѓаните се подготвени да се вклучат во подобрувањето на квалитетот на животната средина покажува и податокот дека 72,9 отсто од нив сметаат дека законски треба да се ограничи користењето на пластика за една употреба додека 12,9 проценти се против. Сепак, дури 82,7 отсто велат дека се уште користат пластични кеси за една употреба, додека само 15,7 проценти велат дека не го прават тоа.

Анкетата на Детектор покажува дека во моментов, 83 проценти од граѓаните се приклучени на канализациската мрежа, додека 15 проценти се уште дома немаат канализација.

Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор телефонски го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1.105 испитаници во периодот од 8 до 11 јануари годинава со маргина на грешка од плус-минус 3 проценти.