понеделник, 1. март 2021. Вести денес: 136
home Вести

Дел од средношколците ја бојкотираат наставата поради државната матура

Дел од средношколците ја бојкотираат наставата поради државната матура

Матурантите од повеќето скопски гимназии се приклучија на иницијативите за бојкот на онлајн наставата – бараат укинување на државната матура за оваа учебна година или наместо 4 да полагаат само два предмети.

Според информациите на Канал 5 учениците од гимназиите Никола Карев, Ѓорѓи Димитров, Корчагин и Јосип Броз веќе неколку дена не ја следат наставата. Очекуваат од утре во бојкотот да се приклучат и од Орце Николов, Борис Кидрич и ГУЦ. Матурантката Тијана Величковска од гимназијата Никола Карев вели дека оправдани се нивните барања воопшто да не се полага државна матура поради ковид епидемијата и неможноста за квалитетно следење на наставата.

Од Сојузот на средношколци тврдат дека бојкотот на скопските гимназии не е на нивна иницијатива, туку на други неформални здруженија на матуранти. Од Сојузот веќе преговараат со МОН да полагаат само два предмети со полесни прашања.

Од МОН се запознаени со отпорот и барањата на матурантите. Но според нив станува збор за изолирани случаи на изостанување од онлајн настава кај учениците од 4 година.Сепак, остануваат на ставот дека државната матура е законска обврска и мора да ја има.

Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка за испитите, но токму затоа ги повикуваме матурантите, низ заеднички дијалогда понудиме решенија кои ќе гарантираат и безбедност и поддршка, велат од МОН.

Министерството за образование и наука најави промени во концептот на државната матура кои би се применувале од 2021/2022 година, а ќе се прават во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците.

Коронавирус