вторник, 10. декември 2019. Вести денес: 162
home Вести

Децата од Лисиче учат во мизерни услови, родителите револтирани: Очајната состојба во ОУ „Димитар Македонски“ е врв на негрижата на властите

Децата од Лисиче учат во мизерни услови, родителите револтирани: Очајната состојба во ОУ „Димитар Македонски“ е врв на негрижата на властите

Основното училиште „Димитар Македонски“ во скопската населба Лисиче наместо достоинствени услови за настава, на учениците им нуди очајна состојба.

И ова трае неколку години. Револтот кај родителите расте, а децата секојдневно по неколку часови поминуваат во руинирана барака.

Минатата Влада започна со градба на целосно нов објект во дворот на училиштето, но по нејзината смена работите почнаа да тапкаат во мртва точка. Иако Владата на СДСМ и општина Аеродром под закрила на Златко Марин на големо зборуваа за ова училиште, од ветувањата до ден денес нема ништо.

Трошка надеж се јави кај родителите по најавата дека стагнацијата завршува и дека нивните деца ќе добијат нов објект, но неодамна добија нов ладен туш. Донесена е одлука за поништување на постапката за довршување на започнатата градба.

Со други зборови, децата остануваат во старите објекти кои буквално се распаѓаат. Стотици ученици секојдневно се соочуваат со ризик дека дел од просториите во кои го минуваат најголемиот дел од денот можат да се срушат. Наместо нормални училници, дечињата од Лисиче учат во бараки изградени во 1964-та година.

Руинираните тоалети, искршените клупи, испуканите ѕидови и тавани кои се распаѓаат е секојдневната слика со која се соочуваат голем број на деца. Оваа мизерија е и работното место на голем број наставници, кои колку и да сакаат да работат во соодветни услови, мора да се снаоѓаат во овој очај.

Марин во својата предизборна програма ветуваше дека условите во кои децата посетуваат настава ќе бидат едни од неговите приоритети.

„Во мандатниот период посебно ќе се залагаме за создавање современи и соодветни услови за образование“-ветуваа во својата програма „Живот во Аеродром за сите“.

На дело, ништо од тоа.

КУРИР денес побара одговори од општината, кои се следните чекори кои ги планираат за ова училиште и до кога децата ќе учат во вакви услови?

Од таму добивме само„префрлување на топката“ до адреса на Министерството за образование и наука.

-Според нашите информации во Министерството за образование и наука работат на изнаоѓање решение во најкус можен рок. За подетални информации би ве замолиле да се обратите до оваа институција од каде што се надлежни за ова прашање, се наведува во одговорот на општината до редакцијата на КУРИР.

Секако, КУРИР ги побара истите овие одговори и од Министерството за образование и наука. Од таму, одговорноста ја префрлија на Илинденска број 2.

-Постапката за избор на компанија за довршување на градежните активности за изградба на објектот на ОУ „Димитар Македонски“ е поништена поради тоа што пристигнатите понуди ја надминаа проценетата вредност на инвестицијата. Информацијата е проследена до Влада од каде очекуваме согласност за повторно објавување на постапка за јавна набавка за избор на компанија која ќе ги доврши градежните активности, се наведува во одговорот на МОН до КУРИР.

КУРИР во дописите до општината и министерството го спомна и револтот на родителите, но тие наши прашања беа игнорирани, односно воопшто не добивме одговор на нив. Дел од нив најавија протест и дека нема да ги пуштаат децата на настава во второто полугодие.

Неколку родители чии деца се во ова училиште ја контактираат редакцијата на КУРИР веќе подолго време. Едногласни се дека нема да дозволат уште долго децата да им посетуваат настава во мизерни услови. Прашуваат дали функционерите од актуелната Влада би дозволиле нивните деца да учат во ваков руиниран објект и најавуваат дека ќе превземат ригорозни мерки.