вторник, 20. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

Данев: Во договорот со Бугарија, Македонија е оштетена- СДСМ сам го негира постоењето на македонскиот јазик

Данев: Во договорот со Бугарија, Македонија е оштетена- СДСМ сам го негира постоењето на македонскиот јазик

СДСМ спротивно на ставот на експертите, голем број општествени чинители и без присуство на опозицијата во Собранието, одлучи на своја рака, заради нивни политички интереси да го истурка договорот со Бугарија. Власта, спротивно на интересите на македонскиот народ ратификуваше целосно асиметричен договор во однос на правата и обврските што ги имаат двете страни. Во овој договор Република Македонија е оштетена и затоа истиот еуфорично е поздравен само во соседна Бугарија, истакна Драган Данев на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

-Договорот има сериозни пропусти и истиот не го дефинира македонскиот народ како реална и идентитетска посебност. Македонија своеволно се откажа и од македонското малцинство оставајќи илјадници луѓе на цедило. СДСМ со овој договор сам го негира постоењето на македонскиот јазик и дозволува истиот да биде ословуван како јазикот според Уставот. Власта дополнително се согласи на промена  во учебниците по историја  на база на проценка на интервладина политичка комисија. Ова е надвор од здравиот разум и принципите на науката, додаде Данев.

СДСМ, рече тој, овозможи со овој договор, Република Бугарија да не блокира на секој чекор кон ЕУ, доколку тие оценат дека одреден дел од договорот не е исполнет. Тоа се дополнителни  проблеми и последици за  Македонија.

-Довербата и конструктивната соработка помеѓу две држави е взаемна. Потребни се добра волја и конструктивност од двете страни. Ситуација во која една страна или нејзиниот народ ќе се чувствува поразен или понижен дефинитивно не е патот по кој треба да се гради соработката. Имајќи ја во предвид блискоста помеѓу нашите две држави и народи. Историски, политички и трговски, ВМРО-ДПМНЕ смета дека истите треба дополнително да се унапредуваат односите со цел благосостојба на  македонскиот и бугарскиот народ, но никако тоа не смее да биде на штета на било кој од двата народа и држави, подвлече Данев и додаде:

„ВМРО-ДПМНЕ има позитивен став за одоносот на Македонија кон Република Бугарија и е за продлабочување на врските помеѓу двете држави преку градење на мостови. Напоменуваме дека пријателството и градењето на доверба е работа за која еднаков напор треба да дадат двете страни, без притоа да бидат газени чувствата на едната страна. Во 21 век да градиме мостови на соработка. Да склучуваме договори за економски просперитет и технолошки прогрес на нашите народи. Да не дозволуваме да се чувствувааме поразени, туку заедно да работиме за европската иднина на Македонија и Бугарија, но притоа да се почитуваме еден  со друг“.

Коронавирус