петок, 18. октомври 2019. Вести денес: 107
home Вести

Данев до СДСМ: Наставниците не бараат милост од вас, туку почитување на законот и на колективниот договор што вие го предложивте и изгласавте

Данев до СДСМ: Наставниците не бараат милост од вас, туку почитување на законот и на колективниот договор што вие го предложивте и изгласавте

Во моментот СДСМ прави мегаломански буџети, најголеми буџети во историјата на Република Македонија и не го намалува задолжувањето туку напротив го зголемува, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев на денешната собраниска седница.

Данев додаде дека со ребалансот на Буџетот и со префрлањето на средствата предвидени за капитални инвестиции во тековни расходи односно транфери, СДСМ сака да изврши предизборен поткуп бидејќи предвидува зголемување на платите и пензиите 100 дена пред да се направи техничка влада.

Пратеникот Данев потенцираше дека оваа влада и пратениците избегнуваат да дискутираат за образованието бидејќи немаат ништо направено за подобрување на образовниот систем, укажувајќи дека се кратат голем број на средства со ребалансот на буџетот.

Само пред два дена стопанската комора и стопанствениците ви го посочија зошто економијата во Република Македонија не е вистински пат, а тоа е поради тоа што немаме никакви инвестиции во образованието. Средствата за реконструкција на основните училишта се намалени за 43 проценти, средствата за развој и подготовка на наставни програми и гимназиско образование и образование на ученици со посебни попреченост се намален за 58 проценти. Професионален развој и усовршување на просветно образовниот кадар ги намалувате за цели 41 процент, кажа Данев.

Бев зачуден од каде е барањето на 25 процентното покачување на платите од СОНК, еве едноставно ќе ви кажам ние како ВМРО-ДПМНЕ не лицитираме со бројки, ние велиме вака почитувајќи ги законите, почитувајќи ги колективните договори што ги склучила владата на Република Македонија со репрезентативните синдикати и работите ќе бидат завршени. Што сакам да кажам, во Законот за покачување на минималната плата вели дека во рок од 6 месеци во член 8 вели дека постојните колективни договори ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рок од 6 месеци од денот на влегување на сила на овој закон. Почитувајте го колективниот договор, почитувајте го законот кој што вие го гласавте и вие го предложивте и наставник во Република Македонија нема да има под 28.000 денари, вели Данев.

Данев нагласи дека СДСМ има одговорност пред генерациите за сите ветувања кои што ги даде , прашувајќи која е мерката со кое што го спречивте иселувањето на младите.

Еве кажете една сериозна мерка со кои што го спречувате иселувањето ма младите, па вие нас не обвинувавте дека ние сме поттикнале иселувањето, ама сега е енормно иселувањето, рече Данев.

СОНК бара над 10 проценти зголемување во јануари барем така беа официјалните податоци, а вие велите дека тоа е од април. Ако ја прифатиме вашата теза од априлската плата да се зголемат платите во образованието и ако ја прифатиме тезата на премиерот дека во октомври ќе бидат изборите, вие ја зголемувате платата на наставниците 5 месеци пред изборите. Што е тоа освен предизборна корупција, бидејќи една од битните работи кои што ги вети СДСМ на наставниците е дека нема да има наставник во Република Македонија кој што ќе зема помала плата од просечната плата во Македонија, рок две години. Еве поминаа над две години и има огромен голем број на наставници кои што земаат многу помала плата од просечната плата во Република Македонија, изјави Данев.

Според Данев покачувањето на платат на наставниците 5 месеци пред избори е изборна корупција, додавајќи дека СДСМ и Заев ветувале во предизборниот период во 2016 година дека платите на наставниците нема да бидат помали од просечната плата во Македонија.

Данев побара од СДСМ да го почитуваат колективниот договор и законите кои што тие го предложиле и го изгласале така што на тој начин нема да има наставник во Македонија кој што ќе зема плата под 28.000 денари.