недела, 20. октомври 2019. Вести денес: 93
home Вести

Дали уште еден висок функционер на СДСМ излажа на суд под дадена заклетва?

Дали уште еден висок функционер на СДСМ излажа на суд под дадена заклетва?

Еден од сведоците на денешното рочиште за случувањата на 27-ми април за кои 33 луѓе се обвинети за тероризам, беше и екс-пратеникот на СДСМ, а денес заменик министер за образование, Петар Атанасов.

Тој во неколку наврати се чини дека со контрадикторностите во сведочењето, самиот го девалвираше исказот кој го даде на денешното рочиште. „Во тие неколку недели Крсто Мукоски имаше над 30 реплики, обраќања, во голем број од нив имаше закани кон пратениците на СДСМ и коалицијата“, рече Атанасов за обраќањата од колегите од ВМРО-ДПМНЕ кои ги доживеал на заканувачки начин, а се всушност обраќања во кои пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на колегите од СДСМ им порачуваат дека народот ќе ги казни на избори.

Ова се гледа многу подобро во исказот кој Атанасов го дал во мај пред Јавен обвинител, во кој подетално ги опишува овие според него заканувачки зброви, но сега не ги повтори веројатно за да не го расипе ефектот на сведочењето за наводните закани. Во истиот исказ Атанасов споменува и многу други имиња од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, но денес од сите реши да го „изолира“ пратеникот Крсто Мукоски, со што се доби впечаток дека Мукоски му е таргетирана цел токму за денешното судење.

Сенка врз сведочењето на Атанасов фрли контрадикторноста во неговите ставови, како и впечатокот дека добро се подготвувал за сведочењето и му било кажано во секоја ситуација која ќе ја оцени како „опасна“ за издржаноста на обвинението, за да не му наштети на обвинителството, да се брани „со молчење“ односно со давање на празни одговори и одбегнување да одговори на прашањата.

Па така, на 6 прашања од адвокатите во кои конкретно се бараше од него да одговори со Да или Не за познати факти кои претходно ги спомнал во сведочењето, или да дообјасни некој дел од неговото сведочење, Атанасов одговараше со: „Немам што да додадам“ и „Останувам на кажаното претходно“. На ваквото негово сведочење во еден момент реагираше дури и судскиот совет кој го опомена да одговори на поставеното прашање, откако тој повторно се обиде да одговори со извежбаната фраза „Тука сум да ја кажам вистината“, наместо да даде конкретен одговор на конкретното прашање. На почетокот на неговото сведочење Атанасов соопшти дека пристигнал во прес-салата на крајот на прес-конференцијата на Заев и Џафери.

Подоцна, кога еден од адвокатите побара од него да потврди дали во прес салата влегол на крајот на прес-конференцијата, Атанасов одговори со „Не“. Дополнително, обвинителството претходно на прашање дали Атанасов знаел за што се зборувало на прес-конференцијата, реагираше со приговор повикувајќи се на неговата прва изјава дека пристигнал на крајот на прес-конференцијата и не можел да знае за што се говорело на неа.

Чист надреализам во судот, кој засега пројде – неказнето. Инаку, заклетвата која секој сведок ја дава пред да сведочи вели дека секој се колне во сопствената чест дека нема да скрие ништо што видел и чул.

Наместо тоа, денес на многу прашања Атанасов одбегнуваше да одговори на очиглед на сите, а на некои од нив можно е и да излажа под заклетва, како во претходниот пример. Извори од одбраната велат дека е пропуштена шанса да се добијат поконкретни одговори од Атанасов на некои од прашањата, како и дека судот иако имаше можност да интервенира со свои прашања за да разјасни одредени околности и факти како што интервенираше при сведочењето на Никола Тодоров, овој пат не се одлучи да го стори тоа.