сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 87
home Вести

Дали новиот поткуп на Заев се вика четврт пакет антикризни мерки?

Дали новиот поткуп на Заев се вика четврт пакет антикризни мерки?

Од помпезно најавуваниот четврт сет на антикризни мерки најавуван веќе два месеци нема ништо. Дали владата со новиот пакет на мерки се спрема за нов поткуп, наместо реална помош за стопанството и граѓаните? Речиси два месеца граѓаните и реалниот сектор очекуваа помош преку долго најавуваниот четвртиот сет на мерки, но и понатаму власта не објавува што точно е содржано во нив.

Четвртиот сет на антикризни мерки беше најавуван во предизборниот период, имено го најави Оливер Спасовски од позиција на технички премиер во изборната кампања. Тој рече дека станува збор за економска поддршка и за нови категории на граѓани како дел од поддршката за справување со последиците на економски план предизвикани од корона кризата.

-Најавувам четврт сет на мерки и сите пензионери кои примаат пензија до 15.000 денари и неактивните баратели на работа, што се пријавиле на шест месеци, ќе добијат исто така домашна платена картичка, посочи Спасовски во интервју за ТВ Шутел.

И министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, како носител на Изборната единица 5 при посета на општина Дебар го најави овој тип на помош, најавувајќи дека со четвртиот пакет Владата предвидува кредитните картички кои сега беа на располагање на одредни категории на граѓани да опфатат уште две групи.

-Едната група се невработени лица кои не се пријавувале секој месец во Агенцијата за вработување и тие ќе имаат шанса да добијат кедитна картичка. Втората категорија ќе бидат сите пензионери со пензии под 15.000 денари.Тоа ќе значи дополнителни пари кај граѓаните но во исто време и подршка на домашните производи, најави Шеќеринска.

НИ ТРЕТИОТ СЕТ НЕ ВИДЕ БЕЛ ДЕН

Иако, власта го најави четвртиот сет на антикризни мерки, не може да се занемари фактот дека владината помош од третиот сет на економски мерки целосно не е реализиран.

Покрај бројните критики изминатиот период, дел од експертите за владините мерките сметаа дека ваквата помош е задоцнета, ненавремени и не значат никаква помош за граѓаните и стопанствениците, а според едно истражување направено од членките на Стопанска комора на Северозападна Македонија уште во месец март реагираа дека мерките за бизнисот и економијата генерално се несоодветни.

-Истражувањето покажува дека економските мерки од Владата за бизнисите и економијата генерално не се соодветни. Исто така, значителен број сметаат дека нема да ги користат. Од испитаните компании, 57,1 отсто сметаат дека владините мерки нема да им помогнат на бизнисите, 25,4 отсто дека мерките се делумно соодветни, додека тие што сметат дека мерките се соодветни се 6,3 отсто. По однос на примената, 38,1 отсто сметаат дека овие мерки не се применуваат врз нивните дејности, додека 23,8 проценти одговориле дека нема да ги користат овие мерки. Со оглед на фактот дека бизнисите се оштетуваат и дека сегашните владини мерки воопшто не им помагаат, секогаш имајќи го предвид јавниот интерес, т.е. јавното здравje, предлагаме итни мерки кои ќе помогнат на економијата и бизнисот да бидат ликвидни во оваа фаза на кризата, наведуваат од Комората.

БЕЗ КОМПАС

Владата се чини дека ќе носи пакет на „мерки заради мерки“, а нема стратегија која се темели на анализа што конкретно му е потребно на стопанството за решавање на проблемите кои постојат во реалниот сектор за справување со економската криза.

Иако премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Бетиќи, иако најавија дека четвртиот сет на мерки ќе се донесе до крајот на минатата недела, денеска министерот за економија Крешник Бектеши најави дека четвртиот сет на мерки ќе биде донесен до крајот на оваа недела.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ, реагира на ваквите најави, додавајќи дека новиот пакет на мерки е параван за ново крадење на мафијата на Зоран Заев.

-Впрочем неспособната влада на Заев излажа за мерките и од претходниот пакет каде вети и не исполни викенд без ДДВ, вети и не исполни 150 милиони евра поддршка за мали и средни претпријатија, вети и не исполни бескаматни кредити со 30 проценти грант, вети и не исполни државна гаранција за кредити итн, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

На најавениот четврти сет на мерки, реагираат и од Сојузот на стопански комори на Македонија кои минатата недела до владата доставија 25 мерки за економски спас, укажувајќи дека новите мерки се базирани на реалните потреби на стопанството, апелирајќи до власта за конкретна поддршка која ќе пристигне директно кај претпријатијата.

Како дел од мерките на Сојузот на стопански комори на Македонија, се наведуваат обезбедување олеснет пристап до бескаматни кредити за покривање на варијабилните трошоци, како што се оние за тековните оперативни потреби, односно п отранспарентно промовирање на кредитните линии кои се достапни, да се овозможи сите на кои им се потребни да имаат можност за пристап до овие средства, како и обезбедување национална гарантна шема за поддршка на претпријатијата при кредитирањето, продолжување на мерката месечна финансиска помош од 14.500 денари до март 2021 година, одложување на сите даночни долгови за 2020 година и истите да се плаќаат на рати, без камата, итно справување со сивата економија, како и посебна финансиска мерка за секторите угостителство, туризам и транспорт.

-Приоритетна мерка треба да биде директна таргетирана финансиска поддршка преку доделување грантови за помош за најпогодените сектори, за да се ублажат негативните ефекти врз економијата предизвикани од пандемијата, бидејќи има дејности кои се пред пропаѓање. Неопходно е да се креираат прецизни протоколи за работа за сите дејности од Националната класификација на дејности, со цел да им се овозможи на сите право подеднакво да функционираат во контролирани услови по квалитетно утврдени правила. Исто така, од голема важност е да се предвиди можност за одложување или репрограмирање на постоечките кредити за оние претпријатија кои се борат со одржување на ликвидноста за да се превенира пропаѓање или одземање на имотите од страна на банките, вели претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска.

Коронавирус