вторник, 23. октомври 2018. Вести денес: 104
home Вести

Дали ќе успее планот на Заев преку 80 пратеници да ја изигра волјата на скоро 1,2 милиони граѓани кои кажаа „НЕ“ за договорот со Грција?

Дали ќе успее планот на Заев преку 80 пратеници да ја изигра волјата на скоро 1,2 милиони граѓани кои кажаа „НЕ“ за договорот со Грција?

И покрај тоа што скоро 1,2 милиони гласачи во Македонија, не излегувајќи на референдумот го дадоа својот став дека се против договорот со Грција, со кој предвидува промена на Уставот и уставното име на Република Македонија, премиерот Зоран Заев сепак најави дека ќе се обиде овој договор да го помине во Собранието.

Со самиот говор вечерта по референдумскиот ден Заев најави дека ќе се обиде со 80 пратеници во Собранието да ја изигра волјата на точно 1.196.939 граѓани на Република Македонија, кој со бојкот на референдумот или гласање против го искажаа својот став против договорот.

-Народот направи многу важен избор. Сега кога имаме мнозинска изразена волја за европска Македонија, време е пратениците да го следат гласот на мнозинството за да обезбедиме подобра иднина, рече Заев и им се заблагодари на граѓаните кои излегоа да гласаат „за“ и „против“, сметајќи помножувајќи го со нула најголемиот дел од народот кој го бојкотираше овој неуспешен референдум.

Од запишаните 1.806.336 гласачи, на референдумот излегоа 666.344, а гласаа „ЗА“ 609.427 граѓани.

Ставот на многумина од експертите кои говореа по референдумот е дека не смее да се оди против волјата на скоро 1,2 милиони гласачи во Република Македонија и овој закон без закон од граѓаните да помине во Собранието.

Сепак, во моментов изгледа тешко дека ќе успее премиерот да ја добие таа бројка на пратеници, со оглед на тоа што голем број од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ веќе потврдија дека нема да гласаат „ЗА“ овој договор во собраниските клупи.

Инаку премиерот на Република Македонија, Зоран Заев најави оставка доколку референдумот не успее.

-Како премиер имам мандат до декември 2020-та година. Ако падне референдумот и не успее, веројатно завршуваме ние со политиките овде, рече Заев на 31 август оваа година.

Во друга прилика, потврди дека ќе си замине бидејќи беше сигурен дека ќе има успешен референдум.

-Јас сум толку сигурен дека ќе успее референдумот во Република Македонија, што одговорот е ДА, ќе заминам. Ако не успее референдумот во Република Македонија, тоа значи дека едни од најсериозните гаранции за иднината на мојата земја јас не сум успеал да ги постигнам, убедувајќи го мнозинството од овој народ, рече Заев на 25 јуни оваа година.

Инаку, референдумот беше неуспешен поради тоа не се обезбеди цензус, излезноста беше 36.89 проценти или 666.344 гласачи, што е многу помалку од законски пропишаните 50 проценти плус еден гласач или 903.184 излезени гласачи.