сабота, 6. март 2021. Вести денес: 0
home Вести

Дали централната и локалната власт во Струмица за пожарот во Глобал ќе ги истражи и условите во кои работат пожарникарите?

Дали централната и локалната власт во Струмица за пожарот во Глобал ќе ги истражи и условите во кои работат пожарникарите?

После катастрофалниот пожар во трговскиот центар „Глобал“ во Струмица, централната и локалната власт наводно започнаа соодветни истражни процедури за расветлување на сите околности под кои пожарот настанал, но не знаеме дали ќе ги испитаат и околностите и причините под кои се случило настанатиот пожар да не биде навремено саниран.

Во јавноста имаше прилично штури информации за наводната навремена интервенција на противпожарната единица од Струмица, но немаше одговори на многу прашања помеѓу кои и дали е вистина и ако е, зошто во првите 60-90 минути интервенирало само едно возило на противпожарната единица, а пожарот бил сериозен, зошто со толку големо задоцнување интервенирало и второто, третото итн возило?

Во овој контекст се наметнуваат и многу други прашања, а помеѓу нив и следниве:

-Дали во рамките на општина Струмица, функционира дежурна противпожарна единица во полн состав – во прва, втора и трета смена?

-Дали опремата , противпожарните возила и личната заштитна опрема на пожарникарите е во исправна состојба и дали со соодветна опрема располагаат сите смени на противпожарната служба?

-Дали на пожарникарите редовно им се исплаќаат сите надоместоци кои законски ги следуваат – надоместоци за дежурство, ноќен труд,викенд, прекувремена работа и слично?

-Дали пожарникарите и нивните раководни и командни кадри ги поседуваат сите потребни сертификати за завршени противпожарни школи и курсеви?

Не знаеме дали централната и локалната власт, ќе ги испитаат и овие околности или во извештајот ќе утврдат дека причината за пожарот е од техничка природа – односно предизвикана од човечки фактор (оставено неисклучено грејно тело со сомнителна исправност во некој од дуќаните?), а противпожарната служба од Струмица интервенирала навремено и со натчовечки и стручни акции успеала да спречи пожарот да предизвика уште поголема штета.

Во нашиот допис до медиумите, пишувавме на оваа тема и ги поставивме погоре претставените и слични прашања, за истите се разбира не добивме одговори, останува да очекуваме одговорите да ги добиеме од тековната истражна постапка за пожарот во Глобал.

Без разлика какви ќе бидат резултатите од споменатата истрага, би сакале да апелираме за помош од сите странски дипломатски претставништва во нашава држава, апелираме до сите претставници на нашата локална и централна власт, до сите синдикати во нашата држава и до целата македонска јавност, под итно да се превземат мерки, за средување на состојбите во Територијалните протипожарни единици ширум цела држава, затоа што според наши информации состојбите во овој сектор се очајни по сите основи.

За време на владеењето на оваа власт не се направени никакви суштински вложувања во овој сектор-не се направени суштински набавки на неопходна опрема за противпожарна заштита, се примаат несоодветни кадри по партиски заслуги и се поставуваат и на командни и раководни позиции, на пожарникарите не им се исплаќаат законски определените надоместоци, не се организираат и спроведуваат дежурни и сменски противпожарни служби во многу општини и слично.

Доколку ваквите состојби продолжат и во наредниот период не треба да бидеме изненадени ако имотот на државата и граѓаните гори, може да се губат и човечки животи а пожарникарите нема да бидат во состојба да им помогнат на своите граѓани, односно ќе немааат човечки и материјални капацитети да ги спречат или изгаснат настанатите пожари.

Во овој контекст, во наредниот период, ние пожарникарите, јавно ќе упатуваме прашања и ќе посочуваме на недостатоците во Територијалните противпожарни единици во Република Македонија, со цел да предизвикаме барем минимални позитивни реакции од страна на локалната и централната власт. Напорите за подобрување на состојбите во Територијалните противпожарни единици ќе ги претставуваме јавно – преку медиумите, затоа што кога ги претставуваме во редовна процедура, ние сме замолчувани, казнувани, не спречуваат во стручното напредување и слично.

Уште еднаш ги повикуваме сите дипломатски претставнишва во нашава држава, сите претставници на локалната и централната власт, сите медиуми и сите граѓани да не поддржат во напорите за подобрување на состојбите во противпожарните единици, додека не е доцна, додека нестручноста и самоволието на оваа власт не сме го платиле со човечки животи и несогледиви материјални штети.

Коронавирус