вторник, 27. октомври 2020. Вести денес: 15
home Вести

Дали Царовска гарантира дека Националната платформа нема да биде цел на хакерски напад?

Дали Царовска гарантира дека Националната платформа нема да биде цел на хакерски напад?

Неколку дена по ред во фаза на тестирање е Националната платформа за онлајн настава, голем дел од корисниците, родители и ученици, но и самите наставници имаат проблем да се приклучат. Во однос на функционалноста на самата платформа, министерката за образование, Мила Царовска, посочи дека предизвици има и дека нема да биде лесно, важно е сите заедно да покажеме разбирање и толеранција.

Но колку е безбедна Националната платформа? Ова прашање до сега не се постави. Колку им се нуди безбедност на нашите деца при вклучување на самата платформа? На самата платформа ќе има лични податоци, од ученици, наставници. Дали некој гарантира дека Националната платформа нема да биде цел на хакерски напад? Во минатото во Македонија мејловите на министерствата, па и самата веб страна на ДИК беше цел на хакерски напад.

ГЛАВОБОЛКА ПРЕД СТАРТ

„Платформата за онлајн учење е инклузивна, едноставна за користење и јас сум убеден дека ќе ја засакаат сите. Пет јазици – албански, турски, српски и бошњачки јазик. Квалитетно и иновативно образование по мерка на секого е една од нашите основни цели. Давам безрезервна поддршка за импелентација на овој процес. Посветено ќе работиме на реформи во образованието “, изјави премиерот Зоран Заев на прес конференција на 18-ти септември.

По изјавите дека Националната платформа ќе биде од голема помош, сепак учениците, наставниците и родителите скептични. По сите недостатоци на оваа платформа, сепак и вчера падна, но од МОН велат дека може и денес да се очекуваат проблеми. Резултатите од тестирањето на терен се целосно сондирани, велат тие  и е почната оптимизација на ресурсите во сите три кластери на сервери: серверите за базите со податоци, серверите за балансирање на оптоварување и серверите за опслужување на корисниците.
„Тестирањето продолжува и во текот на денешниот ден. Како резултат на истото, посочуваме дека е возможно повремено да добивате порака за грешка при поврзување со базата , што е очекувано во предметната фаза на тестирање. Овој процес ќе помогне не само за успешно ставање на Платформата во функција, туку и ќе поддржи изградба на интероперабилност помеѓу различните системи во рамки на Министерството за образование и наука, во насока на ефективно следење на секој ученик во текот на целокупниот процес на негово образование“, вчера истакнаа од кабинетот на министерката Мила Царовска.

„Сите се во дилема, збунети, дури и самите наставници вчера не успеаја да го закажат часот на платформата“, вели родител на ученик од петто одделение.

ХАКЕРСКИ НАПАДИ

Летово на 24.07.2020 две министерства беа таргет на хакери. Сајтовите на здравство и образование беа мета на анонимни хакерски напади кои траеја неколку дена. Наместо содржините на овие институции, се појави оваа фотографија на која групата Анонимни упаќаат порака дека нема да запрат со уривањето на интернет-страници. „Во Македонија сè уште има луѓе кои се залагаат за оваа држава, ние сме едни од нив и вие сте нашиот најголем непријател во моментот. Ова е само почеток, нема лесно да се спасите од нас, допрва ќе ви се случува бродолом“, напишаа тие. За овој напад, Министерството за здравство соопшти дека покрај хакираната интернет-страницата, не им функционираат ниту службените мејлови.

Интернет страницата на Државната изборна комисија беше мета на DDoS напад на изборната вечер, односно сообраќајот беше задушен за граѓаните да не може да ја отворат страницата на која се објавуваат изборните резултати.
Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски велеше дека апликацијата цел ден на изборите функционирала, но за жал вечерта ДИК бил мета на компјутерски напади.

„Можеби и таа апликација има одредени слабости, можеби прв пат претседателите на избирачките одбори и нивните заменици се соочија со можност да внесат резултат и да го траснферираат до ДИК, меѓутоа јас ве уверувам дека апликацијата функционираше и објавата на се она што го следевте во текот на денот беше во реално време“, рече Дерковски.

Сепак не се исклучува можноста дека Националната платформа и покрај своите мани може да стане цел и на хакерски напади. Надлежните институции треба да гарантираат дека личните податоци внатре во платформата нема да се злоупотребат, нема да подлежи истата на хакерски напади.

Коронавирус