среда, 20. јануари 2021. Вести денес: 12
home Вести

Дачиќ за Заев и бугарските „администратори“: Тие плукаат на својата антифашистичка борба

Дачиќ за Заев и бугарските „администратори“: Тие плукаат на својата антифашистичка борба

Претседателот на српскиот Парламент, Ивица Дачиќ, без влакно на јазикот ги коментира тезите на премиерот Зоран Заев од интервјуто за бугарската информативна агенција БГНЕС.

„Заев не е политички незнајко. Тој добро знае дека ова не е точно. Тој добро знае каде ги продаваше своите земјоделски производи – во Србија, Југославија, сигурно не во Бугарија. Тој добро знае дека огромното мнозинство граѓани на Северна Македонија мисли добро за таа бивша Југославија, но му треба согласноста на Бугарија. Колку далеку ќе оди во тоа признавање на нешто што е длабоко спротивно на интересите на Северна Македонија – тоа е централното прашање сега. Македонија во ниту еден свој државен акт ги нема споменато Бугарите и Бугарија кога се отцепуваше од Југославија. Но, добро, ако тие мислат дека се Бугари, ако мислат дека немаат свој јазик, тоа е нивни проблем“, рече Дачиќ во емисијата „Хит твит“ на ТВ Пинк.

„Не знам дали нашата јавност е запознаена со тоа што го бара Бугарија, но тоа се нивни билатерални односи. Нас тоа не нè интересира. Но, немојте да ми ја прогласувате бугарската окупација за административно управување. Бугарската окупација беше дел од хитлеровската коалиција. Барем ние што живееме на југот на Србија знаеме колку тешки беа бугарските злосторства. Тоа не беше административна управа, како што рече Заев. Тие со тоа плукаат на својата антифашистичка борба“, додаде поранешниот премиер и бивш шеф на српската дипломатија.

„А тоа дека Југославија ги раздвојувала од Бугарија – еве, повеќе ја нема Југославија, па, што ве раздвојува сега? Што чекате? Ја нема Југославија 29 години. Но, знаете каква прегратка е тоа? Нема кој да ги раздвојува повеќе. Ако тие имаа толкава желба да се прегрнат, не би ја чекале 2020 година, туку во 1991 година, бидејќи Југославија толку ги раздвојувала, веднаш би поитале во прегратка“, констатира Дачиќ.

„Немојте да мислите дека нам ни е жал. Тоа ѝ го зборував и на Црна Гора. Немојте да мислите дека јас сега сум среќен или тажен што Бугарите и Македонците ќе се прегрнат и ќе решат дали се поголеми или помали Бугари. Мене тоа воопшто не ме интересира“, порача лидерот на Социјалистичката партија на Србија (СПС).

Коронавирус