петок, 6. декември 2019. Вести денес: 161
home Вести

Да се почитуваат препораките за заштита од топлото време

Да се почитуваат препораките за заштита од топлото време

Граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури со оглед на најавите дека денеска и утре Македонија ќе биде зафатена од жолта (алертна) фаза, апелира Министерството за здравство.

Носење светла и лесна облека, заштитни очила и капа, престој во затворени, климатизирани простории или почести одмори под сенка доколку се излегува надвор, внесување помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку маснотии, пиење повеќе течности, најдобро обична вода, и избегнување алкохолни пијалаци,…, се само некои од препораките на лекарите кои посебно нагласуваат дека хронично болните лица треба редовно да ја земаат препишаната терапија.

Исто така, возилата, одредено време пред влегување во нив, да се проветрат.

Поради високите температури и зголемената можност од појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје), како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употреба истата да се загрее на + 100 степени). Се препорачува да се избегнува консумирање производи кои не се термички обработени (мајонез од домашни јајца), а внимателно да се консумираат и сладолед и разни кремови.

Министерството за здравство потсетува дека во сите градови низ државата во соработка со здравствените домови се поставени пунктови за превентивни препораки и совети за заштита од високите температури. Пунктовите функционираат секој ден од 18:30 до 21:30 часот – се мери крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот.