сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 64
home Вести

Д-р Стевановиќ: Во зима ќе биде уште потешко да го намалиме ризикот од инфекција со Ковид-19 ако не се придржуваме до мерките

Д-р Стевановиќ: Во зима ќе биде уште потешко да го намалиме ризикот од инфекција со Ковид-19 ако не се придржуваме до мерките

Со доаѓањето на зимата ќе биде уште потешко да се заштитиме и да го намалиме ризикот од инфекција со новиот коронавирус, доколку строго и принципиелно сите не се придржуваме до препорачаните мерки. Поради ниските температури ќе бидеме затворени внатре, ако не се придржуваме на високите стандарди за одржување на хигиената, правилното користење на маската и избегнување собири каде не може да се обезбеди соодветна дистанца, ризикот од пренесување на инфекцијата ќе биде поголем.

Ова го истакнува директорката на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ во интервју за агенцијата Марили. Таа посочува дека во текот на зимскиот период има многу други горно-респираторни инфекции кои се пренесуваат на ист начин и со слични симптоми како и новиот коронавирус, па ќе биде и потешко да се диференцираат.

Затоа, нагласува д-р Стевановиќ, придржувајте се на препорачаните мерки за превенција.

Според неа, сите преземени мерки за намалување на ширењето на епидемијата и минимизирање на бројот на новоинфицирани и заболени биле круцијални во справувањето со Ковид-19.

– Не само со опремувањето, туку и со организација на целокупниот здравствен систем, мораше да се испланираат и организираат и дополнителни капацитети како болнички, така и професионални, иако во почетокот тие не беа потребни, но во наредните месеци се покажа дека се од круцијално значење за функционирање на здравството во целата држава, вели д-р Стевановиќ.

Во врска со тоа какви се моменталните капацитети на Инфективната клиника за справување со Ковид-19 во однос на вкупните капацитети, дали при евентуален нов посилен бран есенва, би била активирана и мобилната болница поставена во кругот на Клиниката и дали има доволно персонал, д-р Стевановиќ потенцира „не се работи само за вкупните расположливи капацитети на Клиниката, кои се исполнети во околу 80 проценти во моментов, туку за простор кој мора да биде „чист“ без Ковид-19 каде ќе се лекуваат пациентите со инфективни заболувања, а нема да бидат инфицирани со новиот коронавирус, за нив мора да обезбедиме безбеден простор за лекување“.

Таа верува дека во наредниот период и новата болница ќе биде активирана и ставена во функција за да ги задоволат сите потреби како просторни, така и со високи стандарди за лекување и грижа на пациентите.

– Персоналот како здравствен, така и помошен, секогаш е во помал број од потребниот и тоа е пречка која мора да ја надминеме, додава д-р Стевановиќ.

Коронавирус